БРИСЕЛ - Македонија и Грција покажуваат напредок и подготвеност да се реши деценискиот спор околу името, но за тоа да се случи ќе бидат потребни интензивни преговори. Ова е заклучокот на медијаторот на ОН Метју Нимиц, по средбата со преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис во Брисел.
„Имавме двочасовни разговори околу прашањето за името. Првиот состанок беше да ги поставиме уште еднаш позициите на страните. Јас не дадов никакви предлози, но се обидувам да ги олеснувам разговорите меѓу двете страни. Двете страни се добро подготвени и ги артикулираа нивните позиции. Тие покажаа добра волја да ја слушнат другата страна и да ги разберат нивните позиции и да размислат за можните решенија со кои ќе се реши прашањето“, изјави Нимиц.
Нимиц се` уште стои на ставот дека спорот „треба, и може да се реши“ и ја нагласи моменталната позитивна атмосфера и желбата на двете држави кои проблемот го поставиле на врвот на листата на приоритети.
Тој денеска не излегол со нов предлог за името со што би го забрзал процесот и нагласи дека не постои „магично име“, коешто веднаш би го решило проблемот.
„По толку многу години, нема да се појави магично ново име. Решението ќе биде најдено со политичка волја и добра дипломатија“, рече Нимиц.
Ова е прва средба на медијаторот со преговарачите по пауза од три години, и според најавите тие ќе се интензивираат. Неофицијално неколку средби веќе се закажани и ќе се одржат во јануари, февруари и март идната година во Њујорк.
Грчките медиуми, пак, јавуваат дека спорот со името ќе биде решен во текот на 2018-та година.
„Климата и конјунктурата за решение се позитивни за името на Скопје. Говорејќи од Брисел, по двочасовниот разговор меѓу двете страни, медијаторот рече дека се чини оти постои позитивна волја, особено од страна на Скопје, да се најде решение и да се постигне компромис во 2018-ма“, пишува грчката „Прототема“.
Премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање при официјалната посета на Косово, напомена дека досега не се разговарало со Грција околу нови имиња.
„Ние немаме стигнато до таму да разговараме за некои нови имиња. Она за што овие денови ќе се разговара, е потврда на желбата на двете страни за суштествено да навлезат во решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име“, рече Заев.
Тој додаде дека единствено е потврдена заедничката желба на двете страни за наоѓање на решение, што всушност се и упатствата на нашиот преговарач Наумовски.
Партиите засега се без реакции или коментари околу денешната средба во Брисел.