Договорот од Преспа е само дел од процесот, на ред е да се реши корупцијата

Your browser doesn’t support HTML5

Потребно е исполнување на реформите за натамошна интеграција на Македонија во европските институции, вели Џонатан Кац од Германскиот маршалов фонд во Вашингтон

Историското гласање за уставните измени е чекор напред за Македонија на економски, политички и на безбедносен план, вели Џонатан Кац од Германскиот маршалов фонд во Вашингтон.

„Договорот е дел од важен прогрес кој е направен изминативе неколку месеци, со кој се решава историски проблем што длабоко ги загрижува двете страни“, изјави Кац во интервју за Гласот на Америка.

Тој вели дека во моментов Грција се соочува со политички предизвици, но, верува оти заложбата на премиерот Алексис Ципрас ќе доведе до исполнување на грчкиот дел од Договорот од Преспа.

„Убеден сум дека Атина ќе продолжи да го исполнува Договорот од Преспа. Се разбира тоа нема да се случи без дебата и различни мислења, но, ако меѓународната заедница продолжи да го поддржува овој договор, а тоа се САД, ЕУ и партнерите во регионот, ќе видиме успех“, верува тој.

Тој додава дека и покрај одлуката на опозицијата да остане надвор од овој процес, сепак треба да направи исчекор и да помогне во имплементирање на Преспанскиот договор, што ќе го обезбеди европскиот пат на Македонија

Сепак, вели тој, решението на проблемот со името е само еден дел од процесот, и оти следен чекор треба да биде исполнување на реформите за натамошна интеграција во евроатлантските институции.

„Да се обезбеди поддршка за справување со корупцијата, зацврстување на демократијата, како и да им се помогне на Македонија и на државите од Западен Балкан да ја зацврстат нивната безбедност“, смета Кац.

Според него, и Вашингтон и Брисел во наредните месеци треба да размислат како можат да и` помогнат на државата да се движи напред, како и да ги зацврстат односите меѓу Македонија и Грција да работат заедно во интерес на целиот регион.

Годинава се одбележуваат 70 години од постоење на НАТО, и Кац верува дека не постои подобра ситуација од оваа Македонија официјално да стане членка на Алијансата.