Нимиц си заминува, оптимизмот за решение на спорот со името останува

Медијаторот се сретна со комплетниот државно-политички врв на Македонија. Оптимизам има од двете страни дека деценискиот спор со Грција околу името, може и ќе се реши. Црвена линија има, тоа е македонскиот идентитет којшто не е дел од спорот и не смее да има било какви преговори

Решението на спорот со името е прашање на недели, а не на месеци, разлики во ставовите на двете држави се` уште постојат, а националниот идентитет и јазикот не се дел од ова прашање и за нив нема што да се преговара. Ова е заклучокот на двете страни, медијаторот Метју Нимиц и државно-политичкиот врв, по завршувањето на официјалната дводневна посета на нашата држава.

Серијата средби започна утрово во Министерството за надворешни работи и министерот Никола Димитров. На официјалната прес-конференција Нимиц и Димитров потенцираа дека шанса постои, и дека таа треба и мора да се искористи.

Оттаму медијаторот замина во претседателската вила на Водно, каде се сретна со претседателот Ѓорге Иванов. Иванов нагласил дека евентуалното решение не смее да задира во идентитетот и потенцирал дека решението за разликата околу името, може да се бара само во рамките на Обединетите Нации.

„Надминувањето на разликата околу името мора да биде во согласност со меѓународното право и меѓународно преземените обврски. Република Македонија ќе продолжи и натаму конструктивно да учествува во процесот, со цел изнаоѓање на решение на наметнатиот спор од страна на Грција, кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да го наруши достоинството на македонските граѓани“, соопштија од кабинетот на претседателот.

Премиерот Зоран Заев пак му соопшти на медијаторот дека сега е моментот за заемно прифатливо решение. Во владиното соопштение стои дека на средбата во кабинетот на премиерот, Нимиц ги образложил своите идеи и размислувања за процесот на разговорите, а Заев ги претставил идеите и ставовите на македонската Влада, како и размислувањата кои произлегоа од координативниот состанок на државно-политичкиот врв на Македонија.

Потоа, медијаторот замина во седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и се сретна со лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Разговорите беа зад затворени врати, а од партијата ја брифираа јавноста преку соопштение.

Она што може да се заклучи, е дека ВМРО-ДПМНЕ денеска беше далеку повоздржано во изјавите, за разлика од саботата, по Координативната средба во Клубот на пратеници.

На средбата Мицкоски рекол дека разговорите за името треба да продолжат да се водат, во рамката утврдена од Обединетите Нации, почитувајќи ги документите и принципите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата, се додава во соопштението на партијата.

На средбата, ВМРО-ДПМНЕ изразило загриженост за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативни чувства кон Република Македонија, оценувајќи ги како штетни за целокупниот процес.

„Од ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека решението за кое преговара македонската Влада треба да ги запазува државните и националните интереси и да не го загрозува националниот идентитет на Македонците“, стои во соопштението од партијата.

Последна станица на медијаторот Нимиц, беше ДУИ и средбата со Али Ахмети. Двајцата ги оценија разговорите како конструктивни. Лидерот на ДУИ изјави дека му дава целосна поддршка на медијаторот во неговата мисија за решавање на спорот со името.

„Ние му даваме целосна поддршка на Нимиц во оваа многу знајачна мисија што ја има, и се надеваме дека што е можно поскоро, ова прашање да има епилог затоа што има големо влијание врз нашата иднина, но и врз мирот и стабилноста“, истакна Ахмети, додавајќи дека нема да коментира за предлози за името, бидејќи тоа нема да му служи на процесот.

Нимиц пак, рече дека секогаш добивал добри совети од Ахмети. „Разменуваме мислења за тоа како да се реши прашањето. Многу ги почитувам неговите ставови и секогаш добивам добри совети од него. Разговаравме и за тоа дека процесот напредува. Добив и уверување дека ќе игра конструктивна улога во напорите да се изнајде фер и разумно решение“, изјави медијаторот по средбата.

Засега нема реакции околу разговорите на државно-политичкиот врв со медијаторот, од останатите политички партии, без разлика дали се парламентарни или вонпарламентарни.