На протестите што го дочекаа пред Министерството за надворешни работи, Никос Коѕиас понуди помирливи изјави за македонската јавност, но, со јасна нишка на „црвените линии“ за надворешната политика на Атина за прашањето за името.
Во таква атмосфера помина посетата на шефот на грчката дипломатија, кој во еден ден се сретна со државниот и владин врв на Македонија - премиерот, претседателот, спикерот, вицепремиерот за евроинтеграции, министерот за надворешни работи, партиските лидери на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Најмногу разговараше со домаќинот Никола Димитров, со кого имале отворена дискусија за мерките за градење доверба, но, и за спорот и за модалитетите, за тоа како ќе се одвива процесот
Поентата била подобро да се разберат грижите што ги има секоја од страните, во две и полудецениското отворено прашање.
Коѕиас уверуваше дека стабилноста на, како што го нарече, драгиот северен сосед, е стабилност и за неговата земја.
Повтори дека Атина е против менување на граници, и оти сака регионот да го види во евроатлантските структури, за што понуди и поддршка.
Побара поништување на иредентизмот, но, и смелост од новата македонска Влада, за надминување на проблемите од минатото.
„Соседи сме и треба да бараме „win-win“ позиција“, порача Коѕиас, притоа не заборавајќи ги грчките позииции - решение за името, со цел прием на Македонија во НАТО.
„Што се однесува до европскиот пат на нашата соседна земја, сакаме да ја поддржиме со нашите искуства и знаења. Во однос на НАТО постојат одлуките од Самитот во Букурешт, и со нивно исполнување оваа земја ќе стане членка на Алијансата. Како тоа ќе се реализира, не зависи од нас, туку од тие што треба да решат. Сакаме оваа наша мила сверена земја да стане членка, но, врз основа на правилата и предусловите на НАТО и ЕУ“, рече Коѕиас.
Димров, пак додаде дека „не можеме да ја менуваме историјата, но можеме сегашноста“, запрашан за дел од спомениците од „Скопје 2014“, кои Атина ги гледа како провокација
Тој повторно кажа дека новата Влада нема намера да води политика, темелена на историски личности од пред 2000 години, и дека се стреми кон Голема Европа.
„Не ми требаат стотина статуи за да се чувствувам горд Македонец, исто како што не ми пречи ако некој Грк во Солун се нарекува Македонец. Мислам дека е 21-ви век и дека не треба да покажуваме премногу комплекси со вакви чувства “, рече Димтров.
Ова е втора средба Димитров-Коѕиас за два месеца. Тие пак ќе се видат за неколку дена, на неформалниот ЕУ состанок во Талин.
И двајцата ги поздравија честите состаноци, како сигнал за подобрување на добрососедството меѓу двете земји, клучна етапа за суштинско рестартирање на преговорите за името.