Како да се препознаат лажните вести?

Your browser doesn’t support HTML5

Потребен е глобален и индивидуален напор, независно од политичката структура на државите, велат експерти за Гласот на Америка

Проблемот со лажните вести во Македонија уште повеќе ќе се зголемува, бидејќи социјалните медиуми стануваат најпроминентна платформа за информирање, вели Антонела Шанчо од Клубот за новинари во Вашингтон, по ширење на информациите дека Македонија е еден од главните извори за лажни вести во светот.

„Проблемот ќе станува само поголем за секоја држава, вклучувајќи ги и Македонија и САД. Не е битна големината на државата, ова ќе биде проблем за сите“, вели Шанчо.

Таа вели дека е потребен глобален и индивидуален напор во борбата против лажните вести, независно од политичката структура на државата.

„Еден начин да се справите со лажните вести е секој да чита платформи, со високи стандарди на проверка на вестите, кои се балансирани и кои имаат повеќе страни на приказната. Ќе бидат потребни многу напори читателите да почнат да го препознаваат точниот аспект“, смета Шанчо.

Наташа Гарет, директорка на Меѓународниот центар на Колеџот Ла Рош во Питсбург, Пенсилванија, вели дека е негативна реклама, Македонија да се спомнува како средина на лажни вести, кои влијаеле врз изборните кампањи во САД.

Гарет укажува на потребата од професионално новинарство, кое се спомнува и во најновата објавена книга „Македонија 2013“, на која таа е главен уредник.

„Многу е важно да се има медиумски плурализам на теми кои се релеванти за сите граѓани. Проблемот е кога тој плурализам некогаш поминува во дуализам, и се создава дихотомија, дека се е црно - бело. Независни слободни медиуми се битни за секоја демократска држава, а особено за држава како Макеоднија“, изјави Гарет.

Покрај слободата на медиумите, во фокус на оваа книга се и Балканските војни, Договорот од Букурешт и денешната политичка ситуација.

„Книгата е битна затоа што ги става во историски контекст сегашните случувања во Македонија и пошироко на Балканот“, рече Гарет.

Оваа збирка е резултат на конференција што се оддржа во Скопје и во Охрид пред четири години, на тема 100 години од Букурешкиот договор, а ја издаде Обединетата македонска дијспора во Вашингтон.