Да се искористи позитивниот момент што за Македонија преовладува во Брисел за земјата да направи исчекор напред – сугерира експертската јавност.
Првата цел на тој пат е да се добие т.н. прочистена препорака за старт на преговори во која ќе се нотира дека се надминати сериозните недостатоци натрупани во изминатиот период, пред се во делот на владеењето на правото и демократските вредности. Според познавачите, клучно во процесот ќе биде власта и опозицијата да се обединат околу евроинтеграциите, вели Симонида Кацарска од ЕПИ:
„Треба здружено, сите чинители да работат на тоа Македонија да се приклучи кон оваа група и да се искористи постигнатото за да се забрза овој процес за конечно Македонија да види резултати“.
Според владата, по подолг период Брисел ја гледа Македонија како држава која знае да си ги решава проблемите и дека полека си ги отвора вратите во процесот кој треба да финишира со полноправно членство и во НАТО и во Унијата. Радмила Шеќеринска вели дека не се занимаваат со датуми, туку со завршување на обврските:
„За да не ги упропастиме и овие втори шанси, треба да научиме од лекциите од последните 11 години кога соседите направија сериозни исчекори, а ние не мрднавме од место и во однос на НАТО и во однос на ЕУ. Сите грешки од тој период треба да ги неутрализираме – уставните механизми да функционираат, да обезбедиме контрола врз извршната власт и крај на злоупотребите во однос на прислушувањето“.
Тоа што власта го книжи за успех, за опозицијата е само медиумска перцепција дека има напредок во ЕУ-интеграцијата. Се критикува и односот кон соседите, кој според ВМРО-ДПМНЕ, се сведува на тоа да се прифати се што ќе се понуди.
„Не ни помага впечатокот кај нашите соседи дека нема непристоен предлог што нашата влада не би го прифатила. Треба да излеземе од матрица – некој ни подготвува решенија, а владата само ги потпишува.“ вели Никола Попоски, поранешен министер за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ.
Реформската агенда и добрите односи со соседите, точка во која по договорот со Бугарија, останува отвореното прашање за името со Грција, се главните елементи од кои зависи динамиката на евроатланстките и европските аспирации на Македонија.