Очекувам пораките на Фон дер Лајен и Вархеји да бидат потврдени и на Самитот во Словенија, рече Заев

Your browser doesn’t support HTML5

Премиерот најави дека ќе се интензивираат разговорите со Бугарија за напредок во пронаоѓање решение

Европската комисија се обидува да го задржи проширување повисоко на агендата на Унијата, но прашање е дали тоа ќе „помине“ кај поскептичните земји-членки. Откако влијателни медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, информираа дека е неизвесно дали идната недела на Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе биде потврдена гаранцијата за европска перспектива на регионот, надлежните во Комисијата, во изминатите денови, континуирано праќаат пораки на уверување дека ќе направат се за процесот да даде резултат. Оливер Вархеји, кој вчера беше во Скопје, но замина без да даде каква било изјава, денеска преку видео-обраќање на Форумот на граѓанското општество на Западен Балкан порача дека сега е редот на Унијата да испорача.

„Треба да напредуваме во процесот на пристапување. Есенскиот пакет за проширување на ЕК е важен за оценка на ситуациата на земјите во регионот, но е и потсетник за земјите-членки да ги исполнат дадените ветувања. Во однос на С Македонија и Албанија можам само да ги повторам зборовите на Урсула фон дер Лајен дека сакаме Советот да се усогласи за преговарачките рамки што ќе му овозможи на словенечкото претстедателство да ги закаже Меѓувладините конференции. Двете земји испорачаа во сите зададени услови и ние како ЕУ треба сега да испорачаме“, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Премиерот Зоран Заев кој во два дена се виде и со шефицата на Комисијата Фон дер Лајен и со Вархеји, побара денешните пораки да бидат потврдени и на Самитот во Словенија. Ако продолжи ваквиот статус кво, според Заев, тоа ќе прати лоши сигнали до регионот и довербата во ЕУ.

„Очекуваме дека вашите пораки ќе ги реафирмираат пораките на ЕК од март 2020 поврзани со проширувањето кон Западен Балкан. За жал Бугарија стави вето на оваа одлука, блокадата е активна и се надевам дека вашите пораки од овој Форум ќе бидат дел одновиот импетус кој е неопходен во овој период и дека на 6 октомври во Словенија ќе се направат неопходните чекори за деблокирање на проширувањето кое очекуваме да се случи до октомври годинава. Напредок во проширувањето треба да зависи од домашните реформи. Ние ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со чесна волја за напредок во пронаоѓање на решение“, рече Заев.

Целта на Комисијата, како што кажа самата Фон дер Лајен, која во пресрет на Самитот во Словенија го посети регионот, е до крајот на годината да почнат преговорите и со Северна Македонија и со Албанија. Главна пречка, се` уште, останува блокадата од Бугарија.