Нема да има негативно влијание излезот на Велика Британија од ЕУ за земјите аспиранти. Експертите на дебатата за иднината на ЕУ по Брегзит во Центарот за надворешни односи во Вашингтон, коментираа дека овој процес веќе започна, но ќе треба време до целосно излегување од Унијата.
Процесот на проширување останува високо на агендата на ЕУ, според Џефри Андерсон, професор на Универзитет Џорџтаун.
„Не гледам никакво негативно влијание врз напредокот за членство во ЕУ на Македонија и другите земји аспиранти. Напротив, вратата за балканските земји во ЕУ се` уште е отворена“, вели Андерсон.
И Констанца Стелзенмулер од Центарот за Европа и САД при Институтот Брукингс, смета дека влезот на балканските земји ќе остане приоритет на ЕУ.
„Напорите за влез во ЕУ на секоја земја се различни и специфични. Според мене, несреќна одлука е што Британците се одлучија да ја напуштат ЕУ, но нема да влијае лошо за оние кои сакаат да станат членки, и тоа е добро“, додава таа.
Според експертите, излезот на Британија од ЕУ нема да се случи во скоро време. Најверојатно овој процес ќе трае од шест до осум години, првенствено поради економскиот план.
Експертите се едногласни дека Брегзит нема да биде бајка со среќен крај, и дека и двете страни губат особено кога станува збор за економијата. На 29-ти април ЕУ ќе одржи Самит посветен на нејзините приоритети.