Бујароска: Во Македонија екологијата е под економијата

  • Синиша Станковиќ
Разговор со Александра Бујароска од Фронт 21/42, по барањето за суспензија на сите инфраструктурни проекти во Националниот парк „Маврово“

„Одлуката на Постојаниот комитет на Бернска конвенција јасно дава сигнал дека толкав број на инфраструктура во едно заштитено подрачје е во спротивност со постулатите на заштита на природата ... На оваа одлука и` претходат пет години бројни наши активности, протести, жалби пред националните судови“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Александра Бујароска од организацијата Фронт 21/42, по повод вчерашната вест од Стразбур дека Постојаниот комитет на Конвенцијата за заштита на европскиот жив свет и природните живеалишта побарал суспензија на сите владини инфраструктурни проекти во Националниот парк „Маврово“, и особено на предвидените хидроенергетски проекти „Бошков Мост“ и „Луково Поле“.

Минатата година, Комитетот одлучи, поради постоење основано сомнение дека Македонија ги прекршува одредбите на Конвенција со носењето на одлука за спроведување над 22 хидроелектрани во рамки на паркот, да се испрати делегација на независни експерти и набљудувачи за да спроведат истрага, со цел да се утврди степенот на закана за биодиверзитетот од планираните хидроенергетски проекти. По истрагата е донесен заклучок дека „планираните хидроцентрали во НП Маврово не се компатибилни со статусот на заштита на паркот и вредните екосистеми и видови и дека треба да бидат напуштени“.

Извештајот дополнително ја потенцираше и загрозеноста на балканскиот рис, од кој во НП „Маврово“ се останати помалку од 40 единки заради што е на Светската Црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Бујароска од Фронт 21/42, истакна: „Закоравениот став дека екологијата треба да и се потчини на економијата, сé уште доминира во Македонија, особено кај донесувачите на одлуки“.

Според нашата соговорничка, последните неколку години во Македонија природата е под силен притисок на инфраструктурни проекти.

„Оваа година, Владата објави одлука за големи инфраструктурни проекти и во Националниот парк Галичица, како и на брегот на Охридското езеро. Борбата на екологистите за зачувување на нашето наследство заштитено и од УНЕСКО, веќе е започната“, изјави Бујаровска за Гласот на Америка на македонски јазик.

Суспендирањето на сите владини инфраструктурни проекти во НП „Маврово“, особено на предвидените хидроенергетски проекти „Бошков Мост“ и „Луково Поле, ќе биде на сила „сѐ додека не се подготви Стратешка оцена за влијанието врз животната средина“.

Меѓународната унија за заштита на природата, во која учествуваат околу 200 владини, илјада невладини организации и околу шест илјади експерти, со огромно мнозинство на гласови во 2012 година усвоила резолуција за заштита на Националниот парк „Маврово“.