„Здравјето на граѓаните е над било кој приватен интерес, еколошката безбедност на државата е над било кој приватен интерес. Оваа порака денеска ја испраќаме до граѓаните на Валандово, Богданци и Дојран, но и до сите жители на Република Македонија“, ѝ порача премиерот Зоран Заев на македонската јавност, по повод стопирањето на изградбата на еден од „рудниците на смртта“, како што ги нарекоа граѓанските активисти.
Изјавата на Заев е дадена по одлуката на Владата, донесена врз основа на член 44, став 3 од Законот за концесија и јавно приватно партнерство, за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот Казандол, во општините Валандово, Богданци и Дојран.
Владата тврди дека концесионерот - Друштвото за експлоатација преработка и производство, „Сардич МЦ“, не ја исполнил обврската од членот 13, став 1 од Договорот за концесија, и две години по денот на доделувањето на концесијата за експлоатација на „Казандол“, не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар, со капацитет да процесира најмалку 50 проценти од експлоатираната руда.
На ваквата одлука ѝ претходеше и континуирана активност на граѓанските активисти, кои минатата година организираа шест референдуми - три успешни во Гевгелија, Богданци и во Дојран, и три неуспешни во општините Ново Село, Босилово и Валандово, поради недоволната излезност на граѓаните.
Предупредуваа и на можен егзодус поради загадувањето на почвата и водите, на стотици илјади граѓани кои живеат во подрачјата околу рудниците и во цела Југоисточна Македонија.
Според Заев, одлуката на Владата морала да биде донесена, поради сериозното кршење на Договорот, и на условот од тендерската документација.
„Правото на компанијата да тужи, секако постои. Ние ги разгледавме сите работи и тука нема што да се одлучува, туку да се постапува според законот“, изјави Заев, кој додаде дека Владата е целосно посветена на економскиот раст и на заштита на здравјето на граѓаните.
Украинскиот концесионер, пак, тврди дека Владата нема ниту еден правен основ за еднострано раскинување на Договорот, и оти се работи за невиден преседан, огромно понижување за стручноста на експертите и на правниот систем во Македонија, како и за катастрофална порака за постоечките и потенцијалните домашни и странски инвеститори.
„Сардич МЦ“ тврди дека „надлежните државни институции на Република Македонија никогаш не утврдиле ниту една неправилност, ниту е утврдено дека некоја договорна или законска обврска или норма не е исполнета или прекршена“, а дека компанијата, како концесионер и како општествено одговорен субјект, никогаш не е опомената, ниту казнувана.
Најавува и тужба пред Арбитражниот суд во Вашингтон за милионската отштета во евра.
„Едностраното раскинување на Договорот за концесија за експлоатација значи безусловен банкрот на концесионерот, неговите деловни партнери, кои се долгорочно ангажирани во проектот Рударски комплекс ‘Казандол’, како и оставање без егзистенција на преку 200 семејства кои директно егзистираат од работењето на концесионерот“, велат оттаму.
Со оглед дека Македонија и Украина имаат потпишано Договор за заштита на инвестициите, реагираше и украинската амбасадорка во Македонија Наталија Задорожнјук, која му испрати писмо на премиерот Заев.
Во него се вели дека се работи за украинска инвестиција од повеќе од 35 милиони евра, од кои над 30 милиони се веќе инвестирани.
Амбасадата смета дека раскинувањето на Договорот ќе има сериозни финансиски последици како за украинската, така и за македонската страна.
Но, и покрај најавите за евентуални, тешки финансиски последици за државата, поради одлуката на Владата за стопирање на изградбата на еден од „рудниците на смртта“, граѓанските активисти засега се задоволни, и порачуваат дека победата околу „Казандол“ им е мотивација да продолжат со обидите да се спречи и работата на рудникот за злато „Иловица“ во плодното струмичко поле, како и на други рудници, како „Боров Дол“ и „Плавица“, на пример, во кои се предвидува користење тешки хемикалии во производниот процес.
Активистите се надеваат дека со измените и дополнувања на Законот за минерални суровини, ќе се забрани употреба на цијанид, на сулфурна киселина и на други опасни супстанци во процесот на експлоатација на металичните минерални суровини.