Владиката Агатангел испрати покана до „верните чеда на Македонската православна црква - Охридска архиепископија“, на света архиерејска литургија, на 23-ти септември, една недела пред референдумското изјаснување на граѓаните на Македонија за Договорот со Грција, за сите заедно да се помолат за зачувување на името, идентитетот и јазикот..
Иако портпаролот на МПЦ-ОА, митрополитот Тимотеј, според медиумите, изјавуваше дека се работи за личен став и дека не очекува Црквата да има официјален став во поглед на референдумот, митрополитот Повардарски Агатангел, кој со години наназад се обидува да го внесе процесот на клерикализација во политичкиот живот на Македонија, паралелно, децидно посочуваше дека „ќе бара духовна сила и разум“ за зачувување на името, идентитетот и јазикот од сите духовни чеда на МПЦ-ОА..
Уште пред речиси една деценија тој го повикуваше „македонскиот народ, сите граѓани кои живеат во Македонија, да не се откажуваат од светото македонско име. Доколку дојде до гласање - да кажат ’не’, нема промена на името, на нашето древно, македонско!“
Сепак, Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, по денешната седница испрати соопштение, во кое се вели дека „САС на МПЦ - ОА ја изразува својата доверба во политичката зрелост на граѓаните на Република Македонија, кои на престојниот референдум, слободно и по свое сопствено уверување ќе го остварат своето демократско право на избор“.
Но, членот на САС, мирополитот Агатангел, вчера, до сите возљубени „верни чеда на Македонската православна црква, односно Повардарската епархија, како и до сиот македонски народ, по повод претстојниот ’Референдум за промена на нашето вековно македонско име’“, испрати и послание - „Архипастирски благослов и мир од Бога“, во кое тврди дека „во Македонија, за жал, веќе подолг период се гради куќа, односно држава, врз плитки и климави темели. Се доведовме во една парадоксална и збунувачка состојба. Она од што се срамела претходната генерација, за човекот на нашево време станува доблест и неминовна вистина“, како и дека „во име на богатството и привидната благосостојба, покрај моралот, човекот го жртвува дури и своето лично достоинство“.
Дојдено е време кога треба да се надминеме себеси како поединци и да ја покажеме сета своја родољубива силаГ. Агатангел
Владиката Агатангел пишува во посланието и дека „подготвувајќи го оркестрираното сенародно самоукинување, кое треба да се случи на наместениот референдум, белосветските трговци со вистината, на македонскиот народ му нудат два горчливи производа. Првиот производ е маглата на стравот, поткрепено со закани за изолација, војна и исчезнување и вториот производ - непозната и неизвесна, но благословена иднина, во која изобилно ќе уживаме во натрупано и незаработено богатство. Цената и на првиот и на вториот производ е бришење на историјата и сенароден автогеноцид, досега невиден и незабележан во цивилизираното човештво“.
Тој посочува дека „за жал, и неколкумина наши наивци, неподготвени, влегоа во барабанот на мелницата. Од ваквото погубно ортачење во нечесната трговија, профит нема да има ниту еден Македонец. Единствено што може да добиеме е само една непремостлива, внатрешна, духовна руина... Видовме со свои очи дека немаме ниту лидери, ниту пак авторитетни интелектуалци. Македонскиот народ е оставен самиот на себе за да го организира своето опстојување и покрај безбројните уцени и насилни закани... Единствениот спас за македонскиот народ, кој буквално е доведен до амбисот на пропаста, се крие во неговото единство и во неговото родољубие. Сведоци сме дека со децении се работи на разбивање на македонското национално единство, притоа, правејќи атмосфера дека патриотизмот и родољубието е нешто застарено, напуштено и речиси погрешно...“
Г. Агатангел потенцира дека е „дојдено време кога треба да се надминеме себеси како поединци и да ја покажеме сета своја родољубива сила. Преку бојкот на престојниот лажен и наместен референдум, ќе ги замрсиме конците на оние кои сакаат да нè уништат. Преку нашиот непокор кон мрачните сили на новиот свет, ќе го зацврснеме нашиот углед и интегритет како свесен и слободен македонски народ. Без страв, бојкотирајќи, ќе пратиме порака до светот дека еден народ, преку својот величествен дух, може да се избори за својата слобода и независност. Нашата благосостојба зависи од нас самите... Менувањето на името на државата е туѓ интерес, а никако наша потреба. Тие се доволно силни и на сила да нè преименуваат. Но, како и сите лицемери на овој свет, сакаат овој срам да го натоварат за вечни времиња врз нашите плеќи. Малата излезност на референдумот, особено во македонските средини, ќе прати силна порака во светот и ќе ги разобличи скриените намери на белосветските трговци... Повторувам, бидете внимателни, сите се во игра и власт и опозиција. Сите сакаат да го натоварат македонскиот народ со тешкото бреме на срамот од себеукинувањето“.
И покрај оградувањата на Светиот Синод на МПЦ-ОА од неговите политички настапи, владиката Агатангел и на 31 јули му испрати отворено писмо и на лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во кое му порача дека само со бојкот на референдумот партијата ќе покаже дека ги почитува принципите на историската ВМРО
„И по поминати 125 години од основањето на ВМРО, македонскиот народ сè уште е емотивно поврзан со идеите, залагањата и дејствувањето на првенците на оваа семакедонска организација... Единственото нешто кое во моментов му фали на народот е чесно и искрено водство, кое ќе ги спои и сублимира народните повици, а потоа, правилно ќе ги здружи, насочи и генерира во моќна и незаобиколна сила и енергија која ќе го крепи и во иднина ќе му биде пулсот во крвотокот на Македонецот. Вие, г. Мицковски, ја имате таа шанса и таа историска одговорност, да бидете водачот на народот, кој без патетично калкулирање и политизирање, ќе застанете во првите редови на македонскиот национален непокор... Ова е клучниот историски момент за ВМРО–ДПМНЕ и за Вас како нејзин претседател, да покажете дека сте вистински наследници на историското ВМРО. Ова не значи дека Ве наведувам да земете пушка во рака и да појдете в планина. Тоа никако не е целта на моето обраќање кон Вас. Секој кој барем малку трезвено размислува, знае дека на ваквата сила која се има надвиснато над нашите глави, со сила не можеме да ѝ се спротивставиме...“
Владиката Агатангел во писмото го повика лидерот на опозицијата да биде на вистинската страна и „отворено, пред целиот свет и пред сета македонска јавност, повикајте на бојкот на наместениот референдум кој во блиска иднина ни се подготвува за да ја оддува Македонија и македонскиот народ. Само на тој начин ќе покажете дека Вашите корени се насадени на принципите на славното ВМРО. Секогаш имајте предвид дека ВМРО не е затворено во некаква зграда и накитено со статути и програми. ВМРО е душата на македонскиот народ, односно искрата која го потпалува народниот стремеж за сесрдна борба против неправдата!“.
Освен владиката Агатангел, и помлади свештеници од МПЦ-ОА, како презвитерот Ивица Тодоров, повикуваат на бојкот на референдумот: „,Бојкот за да бидеме, инаку ќе не снема!“.
„Почитувани пријатели од НАТО и од ЕУ, ако навистина сакате да бидеме и останеме искрени пријатели и сојузници, треба да разберете дека македонскиот народ не смее да го прифати своето самоуништување и понижување! Да, сите реални и одговорни Македонци знаат дека мора да направиме историски договор со нашите пријатели од Грција, со кој ќе ги излекуваме раните од минатото и ќе отвориме перспектива за заедничко сојузништво. Тоа мора да го направиме и до договор втемелен на европските принципи и вредности мора да дојдеме“, пишува отец Тодоров.
Но, тврди и дека „понудениот ’консултативен’ референдум од сегашната Влада за прифаќање на понижувачкиот договор Заев – Ципрас, со сета капитулантска содржина во него, мора да се бојкотира! Значи, далеку од тоа да се гласа „за“, но далеку од тоа и да се гласа „против“, затоа што договорт Заев – Ципрас не заслужува ВАШЕ внимание! Заслужува само игноранција и бојкот! Заслужува да пропадне! Заслужува да остане само тажен историски спомен за обид за наше самоубиство!“