Историските прашања не може да се решаваат во политички процес, велат експерти за спорот со Бугарија

Your browser doesn’t support HTML5

Останува уште многу работа и за двете страни, велат тие

Не очекувам брзо решение на македонско-бугарскиот спор, вели за Гласот на Америка поранешниот министер за надворшени работи Денко Малески.

Според него, станува збор за длабоко вкоренети недоразбирања меѓу двете страни, кои особено се врзани за историјата.

„И мислам дека ќе треба многу време за да ги помириме нашите митови, македонските и бугарските митови со објективните историски факти.Тоа е она што од нас се очекува.Тоа е патот и излезот надвор“, рече Малески.

Малески вели дека ако се ослободиме од балканските духови и ако двете страни ја доведат историографијата во согласност со европската и американската, постои можност да се излезе од овој спор.

„Треба да разбереме кои се тие објективни историски факти, да ги провериме, и според нив да ја формулираме и нашата политика“, вели тој.

Сепак смета дека ќе има многу работа и за двете страни.

„Ние на наша страна како да ги апсолвираме темите врзани за она што во Договорот за пријателство и добрососедство се нарекува заедничка историја со Бугарија, а бугарската страна ќе има напор искрено да ја апсолвира темата за постоењето на македонската нација, македонската држава и македонскиот јазик, и да почне да ни се обраќа со должната почит. За да се разбре од оваа страна дека бугарската политика нема намера да го врти тркалото на историјата назад, туку дека заедно сега во ЕУ тоа тркало на историјата да го туркаме напред“, додаде тој.

Владимир Глигоров, соработник на Виенскиот институт, вели дека пристапот на официјална Софија кон Северна Македонија не е конструктивен.

„Мислам дека тие расправи, дали македонскиот идентитет постои пред 1944 година или после 1944, не се сериозни, и мислам дека тоа е помалку непријатно. Не би требало сериозни луѓе така да расправаат“, вели Глигоров.

Според него, примедбите кои бугарската страна ги има не се такви за да може да се оправда одлагањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

„Историските вистини не можат да се решат во политички процес. Тоа не е сериозно. Би требало да се оди по тој пат на преговарања со ЕУ. Македонија ги има исполнето сите предуслови. Тоа е став и на Комисијата“, додаде тој.

И понатаму не стивнуваат изјавите со негативна реторика на бугарските високи политички преставници насочени кон земјава. Последните во низата се оние каде тие ги критикуваат премеирот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Мицковски, кои на српската заедница во Северна Македонија им го честитаа празникот Свети Сава, или најавите на Заев дека српскиот предмет ќе биде изборен од трето до шесто одделение, и дека ќе се гради Српски културен центар во Скопје.

Бугарската министерка за надворешни работи Захариева, обвини дека се` уште се живи врските на Скопје со Белград и Москва, а министерот за одбрана Каракачанов дека од двете страни на границата живее еден народ - бугарскиот.