Македонската влада го прифати текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, кој премиерите на двете држави ќе го потпишат наредната недела, на 1-ви август во Скопје.
Според премиерот Зоран Заев ова е сериозен исчекор за европските перспективи на Македонија.
„Овој договор е во согласност со националните интереси на Македонија. Овој голем чекор одговара на интересите на народите на Македонија и на Бугарија. Тој е одраз на новиот дух на политики на политичари, кои градат мостови и не рушат, кои ги зближуваат, а не ги разделуваат народите. Оваа влада работи на решавање проблеми, а не на создавање“, изјави Заев.
Договорот меѓудругото, предвидува формирање заедничка експертска комисија, за историски и образовни прашања, за објективно толкување на историски настани
Ќе се организираат и заеднички чевствувања на заеднички историски настани и личности. Двете страни се обврзуваат дека нема да преземаат, како и да поттикнуваат непријателски дејства насочени против другата држава.
Во однос на македонското малцинство во Бугарија, според Заев, договорот нема да противречи на постоечките билатерални или мултилатерални договор на двете земји.
„Договорот ќе биде потпишан на македонски јазик во согласност со Уставот на РМ, и на бугарски јазик во согласност со уставот на Бугарија, и ќе биде потпишан во две копии“, вели Заев.
Тој очекува и опозицијата да учествува во заокружување на процесот, како и да даде поддршка за договорот.
ВМРО-ДПМНЕ има друг предлог.
„Повикуваме на итна седница на Собранието, на која Договорот ќе биде разгледан, да се донесат заклучоци дали треба или не да се потпише во ваква форма“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
И Владата на Бугарија го одобри текстот на договорот.
„Потпишувањето на документот е израз на желбата на Бугарија да изгради модерни, добрососедски односи засновани на европските вредности“, изјави премиерот Бојко Борисов, кој потпис на договорот, според најавеното, ќе стави наредниот вторник во Скопје.