Опозицијата инсистира на одговори за случајот Актор

  • Борјан Јовановски
Министерот Јанакиески вели дека проектот се реализира законски; и` порача на опозицијата, доколку располага со документи, да ги достави до властите.
Опозицискиот СДСМ денеска повторно го прозва премиерот Никола Груевски и државните институции да се произнесат за начинот на кој се одлевале пари во готово преку грчки државјани.

„Чудниот молк на државните институции за одлевањето на милиони евра кеш кај државјани на Грција е потврда дека зад проектот се крие мега-скандал, а Управата за финансиско разузнавање во која што била отворена, па стопирана истрага, со молкот по пет дена откако случајот е обелоденет, ги потврдува скандалозните информации што водат кон перење пари во Македонија, преку државјани на Грција“, изјави денеска портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

Шилегов повторно го повика премиерот Груевски да се изјасни за обвинувањата.

„Изнесени се 3,5 милиони евра во кеш од државава, од сметка на фирма, партнер на владата. Фрапирачкото објаснување од ВМРО-ДПМНЕ, дека грчката фирма во Македонија со парите што ѝ се префрлаат може да прави што сака, наведува на скандалозни заклучоци. Дали, ако сака, „Актор“ тие 3,5 милиони евра може да ви ги даде и вам, господине премиер и на вашата партија? Дека динамиката на извлекувањето пари во кеш во висина од над 11 проценти од сега префрлените 32 милиони евра на сметката на „Актор“ АДГ Грција, подружница Скопје, ќе продолжи? Преку сметките на „Актор“ и неговата фирма соработничка „Топометрија“ до крајот на изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица ќе бидат извлечени околу 30 милиони евра во кеш? Дека Груевски и институциите во Македонија се решени да го дозволат тоа?“, праша Шилегов.

Со рекација повторно истапи владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

“Исплатите на фирмата Актор според извршените работи се прават по извршена супервизија на реализацијата, на матичната фирма во Грција. Значи подружницата во Македонија не изнесува пари, туку внесува пари во земјата за да ги исплати работниците во земјава и суровините кои ги купува во земјата. Второ и значајно, на месечна основа се информира Европската комисија која ги обезбедува средствата за сите реализирани активности на автопатот. Финалниот извештај на евалуацијата и предлогот за избор на најповолен понудувач беше следен и одобрен од претставници на Европската комисија. Потенцираме дека при спроведување на оваа постапка ниту една компанија не поднесе жалба“, рече Елена Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата го повика СДСМ да ги контактира надлежните власти со конкретни информации доколку се сомнева дека нешто не е во ред.

„Го повикуваме господинот Шилегов да престане да ги држи своите прес-конференции во прашална форма, при тоа фрлајќи сомнеж насекаде. Со прашањата се крие од тужби. Утре ќе каже дека тој не кажувал, туку само прашувал“, вели Кузмановска.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески рече дека проектот се реализира законски и упати порака до опозицијата, доколку располага со документи, истите да ги достави до надлежните органи.

Од Јавното обвинителство соопштија дека чекаат прво реакција од Агенцијата за финансиско разузнавање и финансиската полиција. Од финасиската полиција потврдија дека десетина новинари се обидуваат да добијат одговори за случајот, но, за жал, освен што нема Интернет поради технички дефект, и директорот не бил таму, а само тој можел да одговори, бидејќи, како што велат, „управата имала малку вработени и немале можности да назначат лице за односи со јавноста“.