Укинати спорните членови од Законот за лустрација

  • Синиша Станковиќ
Наспроти одлуката на Судот, владеачката ВМРО-ДПМНЕ со нов предлог-закон ќе се обиде да ги лустрира и оние кои се збогатиле во периодот на приватизацијата на државните фирми

Судиите на Уставниот суд денес решија да ги укинат 13-те спорни членови од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, популарно наречениот „Закон за лустрација“. По донесената привремена мерка на 25 јануари со која беше времено замрзнат процесот на „прочистување“ на некогашните соработници на тајните служби од редовите на носителите на јавни функции, денешната одлука на Уставниот суд е конечна.

Сепак, околу контроверзниот процес што за разлика од повеќето држави од Источна Европа во Македонија се спроведува со две децении задоцнување, се очекуваат уште полемики во македонската стручна и поширока јавност, зашто опозицијата и дел од експертите и од медиумите, децидно го застапуваат ставот дека лустрацијата во Македонија „се претвора во политичко средство за прогон на неистомислениците на власта“.

Својата денешна одлука Судот ја темел врз две причини: поради тоа што законодавецот непрецизно го определил временскиот опфат на законот, а според уставните судии лустрацијата треба да се смета до 91-та, и поради опфатот на субјектите, зашто Сусот е на мислење дека на поранешните носители на јавни функции, кои не се кандидати или актуелни функционери, им се нарушува интегритетот и достоинството како уставна категорија. Судот смета дека законодавецот ја повредил уставно загарантираната слобода на здружување, а дека во случајот на лустрацијата на адвокатите и медијаторите, како и на новинарите, уредниците и на основачите на медиуми, се задира во нивниот углед и чест. Исто така, судот смета дека вработените во приватниот сектор кои немаат врска со државни функции не можат да бидат предмет на лустрација.

Деновиве, наспроти одлуката на судот, со аргуемнти за блокадата на работата на Комисијата за лустрација, владеачката ВМРО-ДПМНЕ го обнароди својот нов предлог-закон за истата сфера, со кој се предвидува лустрација на функционерите од 1945 од 1991, но и за периодот од 1991 до 2006 година, потоа, лустрација на лицата кои се збогатиле во време на приватизацијата на државните фирми, додека за новинарите, членовите во невладините организации, во верските заедници и фондации е предвидено да се лустрираат по барање на раководните органи,

Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, новиот предлог закон бил подготвен според препораката во Извештајот за Македонија на ЕП, но во медиумите беше објавено дека тоа не бил предлог на известувачот Ричард Ховит, туку амандман на само двајца спонзори, бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, и неговиот унгарски колега Ѓерѓ Шофлин. Според изјавата на Ковачев за македонските медиуми, „во некогашна Југославија и во Бугарија тие структури (соработниците на тајните служби – н.з.) ги отежнуваа односите меѓу граѓаните на Бугарија и на Македонија“. Со овој предлог на ЕП, се „охрабруваат властите да го комплетираат објавувањето на имињата на агентите што соработувале со тајните служби на бивша Југославија, како крупен чекор за раскинување со комунистичкото минато“.