Мето Колоски, претседател на Обединета македонска дијаспора, вели дека петицијата го повикува претседателот Барак Обама и НАТО лидерите од земјите членки да ја поддржат Македонија да добие покана на самитот во Чикаго што ќе се одржи во мај.
Ние започнавме петиција како дел од поширока кампања, „Македонија во НАТО“, што вклучува и писма до сенатори, конгресмени и пратеници од НАТО-членките, и покренување на прашањето во американски медиуми, вели Колоски.
Целта е да се соберат 100 илјади потписи до средина на мај, што за Колоски е сосема реално имајќи го предвид одзивот на претходната петиција од 2005-2006-та година која опфатила повеќе прашања и за само еден ипол месец привлекла 88 илјади потписници.
А како оди потпишувањето на петицијата сега? Колоски не` информира дека за само 14 часа ја потпишале над 1500 лица.
Платформите кои се користат за оваа намена се главно социјалните медиуми, Фејсбук, Твитер и Линкт-ин.
ОМД кампањата за влез во НАТО ја зацрта како еден од клучните приоритети на организацијата од 2007-ма.
Грчката дијаспора ја поддржува владата на Грција во противењето на приемот на Македонија во Алијансата заради нерешеноста на прашањето со името, за што преговорите се водат под покровителство на Обединетите нации.