СДСМ смета дека вчерашното тројно убиство во рибниот ресторан „Биг фиш“ во скопската населба Аеродром е потврда дека во Македонија е загрозена безбедноста на граѓаните. „Безредието и хаосот почнаа да земаат невидени размери. Вчерашното убиство претставува потврда дека во Македонија веќе никој не е безбеден“, изјави денес секретарот на опизиционата партија Андреј Петров, кој одговорноста за тоа што „убиствата станаа секојдневие во Македонија“ ја лоцираше кај актуелната власт. Според него, најмалку што може да се стори е министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска веднаш да си поднесе оставка.
Медиумите изразија „сомнеж за релациите на нарко-подземјето со полициските структури“, но Министерството за внатрешни работи во соопштение по повод изјавата на Петров, реагираше на „вулгарниот политикантски обид за пропагандистичко манипулирање со едно кривично дело во кое загинаа три лица“ и потенцираше дека Петров се обидел да инсинуира, „преку наметнување измислени и неосновани дилеми, дека во МВР има спорна професионална етичност“.
Инаку, вчерашното тројно убиство во скопската населба Аеродром, кога околу 20 часот вечерта, едно лице со „калашников“ влегло во рибниот ресторан во трговскиот центар, во тоа време преполн со жители од околните згради, и изрешетало тројца од присутните (за потоа, ладнокрвно да излезе да ја фрли автоматската пушка и вреќата во која го носел автоматското оружје и со автомобил да избега од местото на настанот), ја шокира македонската јавност. Биле убиени велешаните Јордан Јорданов - Ркул и Влатко Андреевски. – Пич, од кои првиот според македонските медиуми е дел од таканаречената „франкфуртска мафија“ која шверцува дрога од Балканот и ја продава во Германија, Австраија и Швајцарија, а вториот е негов помлад соработник кој нема полициско досие. Третиот убиен е Владо Милошев, вработен како оперативен работник во Одделот за обезбедување на странски делегации во МВР, кој бил во семејни врски со Дејан Митровски Урко - шеф на обезбедувањето на премиерот Никола Груевски. Медиумите вчера известуваа дека на место на убиството за време на увидот дошле „речиси целиот кабинет на министерката Јанкулоска, вработени во кадровското одделение, како и задолжените за протокол“.
Иако синоќа неколку електронски медиуми објавија неофицијални информации, според кои напаѓачот и уште едно лице биле уапсени во автомобил марка БМВ на патот Скопје - Велес, осомничениот за тројното убиство Тони Денковски утрово самиот се предал, и според официјалните информации, изјавил дека до убиството дошло поради притисоци врз него и нерасчистени должнички односи. „Од разговорот осомничениот рекол дека постојано влегувале во должничко доверителски односи со Јордан Јорданов Ркулот и дека на овој чин се одлучил поради постојаните притисоци тие да се расчистат од стрaна на сега убиениот“, изјави за медиумите министерката за внатрешни Јанкуловска.
Поради раното влегување во печат на сите дневни весници на македонски јазик во Македонија, синоќешниот настан денес го коментираа само електронските медиуми, но во реакциите се вклучи и опозицискиот СДСМ. Од друга страна, и покрај неодамнешното претепување до смрт на еден српски турист во Охрид од седумина насилници и вчерашното свирепо тројно убиство, министерката Јанкуловска ја смирува јавноста дека безбедноста во Македонија е стабилна. Засега нема официјално образложение за тоа зошто полицаец седел на иста маса со луѓе со криминално минато. „Што барал вработен во Шестата управа на МВР, задолжен да се грижи за безбедноста на министерката Јанкуловска, да седи со двајца дилери на дрога? Дали е нормално полициски функционери да ручаат со дилери на дрога? Или можеби, баџанакот на шефот на обезбедувањето на премиерот, договарал некаков бизнис со нив?“, праша денес и секретарот на СДСМ Петров пред седиштето на партијата.
На ваквите обвинувања МВР одговори со сооппштение според кое „во името на спечалувањето на ефтини политички поени Петров и неговата партија денес го заборавија и она што значи минимум пристојност и воспитание, „логицирајќи“ со сугестибилни обвинувања околу приватниот живот на еден сега веќе починат полициски службеник, на неговото семејство и блиски. Токму поради тоа, МВР нема да се впушта во какво било „полемики“ од ваков пропагандистички вид, туку само ќе го предочи следново: Полицискиот службеник беше вработен во Шестата управа при МВР на работното место главен оперативен работник за странски делегации и манифестации, и никогаш досега не вршел обезбедување на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска“, се вели во соопштението на МВР. Според Министерството, во МВР се вработени неколку илјади вработени, а „институцијата досега не се обидела да им го контролира нивниот приватен живот и поведение, до степен да не ги пречекори границите на нормативно дозволеното“.
На официјалниот став на МВР за евентуалните врски на убиениот полицаец и познатиот дилер, јавноста ќе мора да го почека крајот на истрагата. Сепак, скопската ТВ Алфа, денес објави дека убиениот Јордан Јорданов - Ркул (37) во криминалните структури бил познат како еден од босовите на „франкуфуртската мафија“, кој за десетина години „стаж“ во нарко-подземјето, регрутирал многумина млади велешани за криминални активности поврзани со шверц и продажба на дрога во странство. Телевизијата неговото богатство го проценува на „неколку десетици милиони евра“ и тврди дека заработените пари од дрогата ги перел преку лихварство. Според оваа ТВ станица, по една полициската акција пред една и пол година, Јорданов бил осуден на три години затвор, но само поради нелегално поседување на оружје.