Лустрацијата пак ги скара власта и опозицијата, иако поминаа неколку години од завршувањето на процесот, кој за ВМРО-ДПМНЕ беше фер начин за утврдување на соработниците на тајните служби, додека СДСМ го сметаше за политичка пресметка со неистомислениците.
Двете страни денеска во Парламентот се конфронтираа за владиниот-предлог закон за поништување на лустрацијата, кој влезе во собраниска процедура и требаше да го разгледува комисијата за политички систем.
ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да го поддржи ова решение.
„Партијата на аболицираниот Зоран Заев сега прави аболиција на кодошите. Децата на кодошите си ги амнестираат своите предци. Со СДСМ, Македонија стана единствена држава во Европа во која нема лустрација на кодошите на комунистичкиот режим, кои цели кариери изградија врз база кодошење на македонските патриоти, но и недолжни граѓани. Република Македонија е единствена држава во Европа, во која кодошите на комунистичкиот режим кои местеа луѓе и уништуваа човечки судбини, наместо осуда, за тоа ќе добијат и пари од државата“, изјави Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот став на опозицијата социјалдемократите го гледаат како доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не се променила и дека, како што велат, Мицкоски ги штити здоделата на Груевски.
„ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотреби лустрацијата за политички, партиски, па дури и за лични цели. Тоа можевме да го слушнеме и во прислушуваните материјали, каде високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Милошоски, Јанкуловска, Груевски си нарачуваа лустрациски процеси по желба. Со новото предложено решение, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи, и за оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета“, изјави Снежана Калеска - Ванчева од СДСМ.
Собранискиот спикер има воздржан став за новата кавга во Парламентот што тој го води.
„Како пратеник го поддржав Законот за лустрација, немав проблем со тој закон, ниту со новиот закон“, изјави Талат Џафери.
Од 2008 до 2015 лустрацијата во земјава, преку два закона, опфати неколку стотина луѓе, од кои дел познати јавни личности - критичари на владеењето на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Целиот процес на лустрација беше обележан со контроверзии, а сериозни забелешки за начинот на водење на постапките имаше и дел од меѓународната заедница.