Линда Мекмен, избор на Трамп за раководителка на Одделот за образование во САД

Your browser doesn’t support HTML5

Линда Мекмен е изборот на Доналд Трамп за раководителка на Одделот за образование во САД. Таа беше голем поддржувач и донатор на кампањата. Аналитичари сметаат дека Мекмен има ограничено искуство во образованието, но сепак очекуваат големи промени. Известува Лорел Бауман.

За време на првиот мандат на новоизбраниот претседател Доналд Трамп како претседател, Линда Мекмен ја водеше американската администрација за мали бизниси.

Изборот на Трамп за секретарка за Одделот за образование беше член на одбор на приватен колеџ и кусо во државен одбор за образование.

Некои аналитичари се загрижени.

„Таа сигурно нема многу релевантно искуство во образованието, ниту на ниво на градинка, ниту на ниво на високо образование во однос на претходните секретари за образование“, смета Рејчел Перера од Институцијата „Брукингс“.

Но, многу конзервативни аналитичари велат дека таа добро ќе го насочи Одделот и ќе го ограничи неговиот авторитет… нешто што тие го сакаат.

„Одделот за образование не треба да го води едукатор. Верувам дека ни треба искусен извршен директор, некој кој знае како да менаџира со луѓе, да ги завршува работите, да бара одговорност и да ги разбира резултатите и информирање за резултатите“, посочува Ерика Доналдс, од фондацијата „Херитиџ“.

Одговорностите на Одделот вклучуваат раководење со федерални студентски заеми и програми за грантови за високо образование, надзор на граѓанските права и дистрибуција на средства за студенти со ниски приходи.

Некои едукатори се загрижени дека јавното образование ќе биде изложено на ризик за време на администрацијата на Трамп и дека ќе страдаат најранливите студенти.

„Студенти со попреченост, ЛГБТИ+ студенти, нашите црни, кафени и домородни студенти. Нашите студенти кои живеат во сиромаштија, правејќи го високото образование поскапо и подалеку од дофат на семејствата од средната класа“, смета Беки Прингл, претседателка на Национално здружение за образование.

Многу конзервативци велат дека Одделот е бирократски и неефикасен и дека треба целосно да се укине. Тоа не е веројатно, но доаѓа промена, велат аналитичарите од двете политички страни.

„Она што гледам дека ќе се случува во текот на следните четири години е навистина значително слабеење на Одделот и навистина извлекување на федералната влада од бизнисот со образованието што е можно повеќе“, додава Доналдс.

„Знаете дека администрацијата на Трамп што доаѓа, мислам, верува во намалување на голем дел од федералното финансирање на сите програми“, посочува Весли Вистл, аналитичар.

Двете страни може да се договорат за промовирање на техничкото образование како алтернатива на традиционалниот универзитет.
Одделот за образование предводен од републиканците, исто така, може да се очекува да се обиде да ги повлече политиките промовирани од актуелниот претседател Џо Бајден, како што е заштитата на трансродовите студенти.

Мекмен ќе треба да биде одобрена од Сенатот. Аналитичарите очекуваат дека таа ќе биде потврдена ... со републиканското мнозинство и поконтроверзните избори за Кабинетот што треба да ги разгледаат.