Знаете ли што е „Летник“?

Почнува пролетта! - многумина порачуваат со мартинки, кои од 2017 година се на листата на недвижно, културно наследство под заштита на УНЕСКО

На 14- ти март, односно на први март според стариот календар, се празнува празникот Летник, кога според народните верувања започнува пролетта.

Овој празник е поврзан и со враќањето на птиците-преселници од јужните краишта, кога во многу делови на државата се изведуваат најразлични обичаи. На вратите од домовите на куќите, но на и плевните и шталите каде се чувал добитокот, се ставале гранки од растенијата кукурек и дрен, верувајки дека ќе ги чуваат објектите, луѓето но и добитокот од разни болести и несреќи.

Сепак помеѓу највпечатливите обичаи е правењето на познатите белегзии од бел и црвен конец познати како „мартинки“. И ден денес тие најчесто на глуждовите на рацете или нозете им се врзуваат на децата или им се закачуваат на облеката. Нив УНЕСКО ги заштити од заборав и исчезнување. Од 2017- та година тие се дел и од листата на недвижно, културно наследство под заштита на оваа светска организација.

Невладината организација "ХАЕМУС" од Скопје, заедно со партнер организации од Молдавија, Романија и Бугарија беше дел од групна апликација за ставање на мартинките на оваа листа.

„ХАЕМУС во приказната со мартинките се вклучи во 2013 година на барање на Управата за заштита на културното наследство и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“. Требаше да бидеме поддршка на мултинационалната апликација во УНЕСКО, која без учество на граѓанскиот сектор немаше шанса да успее. Кога во 2017 година, мартинките станаа дел од светското нематеријално културно наследство и се впишаа во Репрезентативната листа, ХАЕМУС стана носител на ова културно добро од Македонија во УНЕСКО. Со ова ХАЕМУС даде на увид дека ги почитува мартинките како нематеријално културно наследство и ги негува во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за нивната поширока промоција. Се чини дека по шест години упорна работа, успеавме на голема врата да вратиме во живот еден обичај кој веќе беше на изумирање“, вели за Гласот на Америка, М-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС, чија дејност е научно истражување и промоција на културата.

Овој празник, за кој се смета дека има паганско потекло, најмногу се празнува во Западните делови на државата, односно во Галичник и Мијачијата, Голо Брдо, Пустец во регионите на Дебар,Струга, Охрид и Преспа, како од страна на православното население така и од жителите муслимани.Но истиот се слави и во други држави на Балканот.

„Иако обичајот за плетење и подарување на црвено-бели амајлии карактеристичен за повеќе балкански држави е поврзан за првиот ден од месецот март, во некои краишта на Македонија постои традиција луѓето од разни етникуми да си подаруваат мартинки и на 14 март, на празникот Летник. Придобивката од впишување на одредено наследство на било која листа на УНЕСКО ја валоризира и ја признава посебноста на наследството на светско ниво. Заштитувањето и афирмацијата на едно културно добро може да брендира една држава или регион, да го направи препознатлив во светски рамки и со тоа да му го зголеми економскиот бенефит“, вели М-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС.

Апликацијата за пристапување на мартинката како дел од УНЕСКО беше изгласана на островот Џеџу во Јужна Кореја за време на 12- от состанок на Комитетот за заштита на нематеријалното културно наследство во декември 2017-та.