Многу е важно Албанците да знаат дека нивниот јазик е почитуван, изјави демократскиот сенатор Крис Марфи, за новиот Закон за употреба на јазиците во Македонија, кој денес беше изгласан во тензична атмосфера.
„Има уште еден последен чекор до целосна имплементација на Охридскиот договор, а тоа е Законот за јазиците. Разговарав со опозициските лидери кои поднеле 35.000 амандмани за овој Закон. Ги охрабрувам да седнат на маса и да помогнат да помине“, рече Марфи, кој викендов ја посети Македонија, и се сретна со државниот врв и опозициските лидери.
Освен за влезот на државата во Европската унија и НАТО, тој со нив разговарал и за Законот за јазици, кој денес беше усвоен со 64 гласа.
Марфи истакна дека е задоволен од големиот успех што е постигнат во третманот на Албанците во Македонија.
„Очигледно дека ова е тешко прашање, но, направени се промени од кои бенефицираа албанските семјства. Навистина беше охрабрувачки да се слушне дека многу Албанци гласале за Заев на последните избори. Место да гласаат за албанска партија, како што обично би направиле, тие гласале за македонска партија“, смета Марфи, нагласувајќи дека вкрстеното етничко гласање е најлесен пат за олеснување на тензиите што постојат со години наназад.