Армстронг ги загуби титулите Тур де Франс

Меѓународната велосипедска федерација воедно му изрече доживотна забрана за натпреварување.
Меѓународната велосипедска федерација ги одзеде седумте Тур де Франс титули што ги освои американскиот велосипедист Ленс Армстронг и доживотно го суспендираше.

Федерацијата соопшти дека ги ратификува санкциите што против Армстронг во август ги изрече Американската антидопинг агенција (УСАДА), а со кои тој ги загуби титулите освоени во периодот од 1999-та до 2005-та.

Агенцијата објави извештај на 1.000 страници со докази добиени при истрагата на пензионираниот, 41-годишен велосипедист. Во документот се вклучени и сведочења на 11 поранешни колеги од неговата екипа.

Армстронг со години ги порекнуваше обвиненијата за допинг, истакнувајќи дека ниту еден тест направен врз него не дал позитивен резултат.

По објавувањето на извештајот на УСАДА, Армстронг загуби бројни истакнати спонзори, како Најк, Анхајзер-Буш и Трек. Тој даде оставка на функцијата претседател на Лајфстронг, хуманитарната организација што ја основа пред повеќе од десет години а која собира средства за борбата против ракот.