Киргистанската опозиција ја презеде власта

Политичката опозиција во Киргистан прогласи нова привремена влада за која вели дека ќе раководи до одржување на изборите закажани за шест месеци

Политичката опозиција во Киргистан прогласи нова привремена влада за која вели дека ќе раководи со оваа централноазиска држава до одржување на изборите закажани за шест месеци.

Лидерката на опозицијата Роза Отунбајева, поранешна министерка за надворешни работи, во четврток побара оставка од претседателот Курманбек Бакијев. Таа рече дека парламентот е распуштен дека таа ќе раководи со новата влада.

Претседателот Бакијев пребега во регионот Џалалабад, по протестите од среда и се вели дека собира свои симпатизери.

Во меѓувреме, новиот привремен министер за одбрана вели дека киргиските оружени сили се приклучиле на опозицијата и дека нема да бидат употребени против протестантите.

Министерството за здравство соопшти дека најмалку 75 лица загинале, а преку 1.000 се повредени во средата за време на судирите меѓу опозицијата и полицијата во главниот град Бишкек.

Отунбајева изјави дека немирите во средата биле одговор на агресијата, тиранијата и владиното задушување на припадниците на опозицијата, како и заради корупцијата и порастот на цените во земјата.

Отунбајева истакна и дека американската воена база во Киргистан која важи како поддршка на воените операции во Авганистан, ќе остане отворена.