Крај на судењето за Трамп: Завршни зборови денес, а потоа сè е во рацете на поротата

Трамп во судница во Менхетен.

Сведоците на судењето на Доналд Трамп, за случајот со исплата на пари на порно актерка, минатата недела ги завршија своите изјави, што значи дека целиот процес е при крај. Потоа следуваат завршните зборови, давањето инструкции на поротата и потоа одлучувањето за пресудата.

Завршните зборови почнуваат во вторник. Обвинителството и одбраната последен пат ќе им се обратат на поротниците. Се очекува изложеноста да трае поголемиот дел од денот, или цел ден. Тие аргументи не се бројат како докази во случајот против Трамп, туку се рекапитулација на се што можеше да се слушне во судницата.

Поранешниот претседател е обвинет за фалсификување деловни документи за да ја прикрие исплатата од 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс, за таа пак да не зборува јавно за нивната афера. Сето ова се случува во кампањата за изборите во 2016 година и Обвинителството тврди дека со прикривањето на целата приказна, Трамп всушност сакал да спречи лошо влијание врз неговиот имиџ во кампањата, бидејќи во времето на аферата со Даниелс тој веќе бил во брак со Меланија. Трамп ги отфрли сите обвинувања.

Обвинителството во завршните зборови најверојатно ќе ги потсети поротниците на досегашните сведочења и на сето она што е кажано. Сторми Даниелс исто така беше на говорницата како сведок, како и поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, кој сведочеше дека Трамп му рекол да плати 130.000 долари на Даниелс, а тој потоа му ги вратил парите.

Одбраната повика само двајца сведоци, а меѓу нив не беше Трамп.

Одбраната не мора да ги убедува поротниците во невиноста на Трамп, а за да не биде прогласен за виновен, треба само да убедат еден од 12 поротници дека Обвинителството не ја докажало вината. Товарот на докажување на вината е целосно на Обвинителството.

Сите 12 поротници мора да бидат на иста страна - дека Трамп е виновен, или не, за да биде валидна пресудата

Се очекува адвокатите на Трамп да се обидат да најдат дупки во сведочењето на сведоците на обвинителството, како Даниелс и Коен. Се очекува и тие да го повторат тврдењето дека Трамп аферата со Даниелс не ја криел за гласачите, туку за сопственото семејство. Напаѓањето на кредибилитетот на Коен, кој веќе призна дека лажел, како и дека крадел пари од Трамп, е исто така тактика што ја користат адвокатите на поранешниот претседател.

Завршни зборови прво ќе ги изнесе одбраната, а потоа и обвинителството.

Во среда, пред да започне сослушувањето за вина на Трамп, се очекува судијата Хуан Мерчан да ги поучи поротниците што да земат предвид кога одлучуваат за судбината на поранешниот претседател.

Минатата недела и Обвинителството и одбраната дебатираа со судијата како да се поучи поротата - што укажува на големата важност на тој процес.

Имено, правниот тим на Трамп бараше судијата да и каже на поротата дека исплатите на Даниелс за да молчи за аферата во суштина не биле незаконски, што обвинителството го нарече „целосно несоодветно“. Судијата оцени дека ваквата инструкција е непотребна и оти отишла предалеку.

Адвокатите, исто така, побараа Мерчан да ја земе предвид „исклучително важната“ природа на овој случај и да ги повика поротниците да дојдат до „многу конкретни заклучоци“. Судијата исто така одби и изјави дека не е во ред да се отстапува од стандардните упатства.

Обвинителството побара од судијата да каже дека тоа што некој е претседателски кандидат не го оправдува мотивот за исплата што има охрабрувачки ефект врз неговата кампања. Одбраната бара од судијата да каже дека таква исплата ќе се случела дури и да не бил кандидат за претседател, а не треба да се гледа како дел од кампањата.

Поротниците ќе одлучуваат во тајност, во просторија специјално одредена за таа намена. Тие можат да комуницираат со судот преку белешки - на пример, можат да побараат правни упатства од судијата или пак да им биде доставен дел од сведочењето.

Не е познато колку долго поротниците ќе расправаат, ниту пак има некаква граница. Тие треба да разгледаат 34 точки од обвинението и тоа може да потрае - па можеби нема да биде готово оваа недела.

Доколку поротата не постигне консензус по неколку дена, работите би можеле да станат уште покомплицирани.

Адвокатите на Трамп би можеле да бараат ново судење, но поверојатно е судијата да ги повика поротниците на консултации и да ги советува да продолжат да размислуваат додека не донесат одлука.

Доколку и по тие упатства поротниците не можат да донесат одлука, судијата може да изјави дека нема договор во поротата и да нареди ново судење.

Извор: Асошиетед прес