Елис Стефаник влезе во Конгресот во 2014 година на 30-годишна возраст како умерена републиканка, претставувајќи голема, главно рурална област, во северниот дел на сојузната држава Њујорк.
„Таа првично не беше поддржувач на претседателот Трамп; [таа] стана таква, напредуваше во редовите на партиското раководство во Конгресот, така што сега, додека не даде оставка, е претседавачка со републиканската конференција“, вели Сели Фрајдмен, Универзитет на Албени.
Како претседавачка со конференција од 2021 година, таа е четврти по ранг републиканец во Претставничкиот дом.
„Таа не присуствуваше на републиканската конвенција во Кливленд во 2016 година, и навистина дури по неговиот избор и неговата доминација, особено меѓу конзервативците, таа стана како што рече, „ултра МАГА““, вели Кејси Силер, уредник на „Тајмс Јунион“.
За Стефаник, тоа значеше да го брани Трамп за време на постапките за негов импичмент, неговите тврдења дека изборите во 2020 година биле украдени, како и да биде силен сурогат во кампањата.
„Таа е паметна. Таа е многу вредна работничка. Таа е исклучително ефикасна“, вели Силер.
Стефаник стана позната за време на конгресните сослушувања на кои таа го оспори справувањето со пропалестинските протести во некои универзитетски кампуси.
Тројца истакнати универзитетски претседатели се повлекоа по сослушувањата.
Стефаник: Значи, одговорот е да, дека повикувањето на геноцид врз Евреите го прекршува кодексот на однесување на Харвард, нели?
Клодин Геј: Повторно, зависи од контекстот.
Стефаник: Не зависи од контекстот. Одговорот е да, и затоа треба да поднесете оставка. Ова се неприфатливи одговори.
Во мај, таа изрази цврста поддршка за Израел во изјавите пред израелскиот Кнесет и доби значителен придонес во кампањата од произраелски лоби и поединци.
Трамп ја најави Стефаник како еден од неговите први избраници во кабинетот само пет дена по изборите. Таа ќе дојде во Обединетите нации со ограничено искуство во надворешната политика додека светската организација се занимава со војните во Украина, Газа и Судан; зголемена глобална глад; климатските промени и низа други кризи.
„Мислам дека е веројатно откако ќе стане амбасадорка, Елис Стефаник да биде фокусирана на Блискиот Исток. Можеби ќе треба да се фокусира на Украина, и се чини веројатно, со оглед на нејзините минати изјави, дека ќе биде многу критички ориентирана кон Кина“, смета Ричард Гован од Меѓународната кризна група.
Во неговиот прв мандат, Трамп ги намали стотиците милиони долари американско финансирање за неколку агенции на ОН. Овојпат, организацијата прави планови за вонредни ситуации со многу поголеми кратења. Во меѓувреме, Елис Стефаник ќе се најде на нова, меѓународна сцена.