Димитар Ковачевски денеска претпладне, лично, во Собранието, ја депонираше својата оставка од позицијата премиер. Во кабинетот на претседателот на парламентот имаше куса средба со својот наследник Талат Џафери кој, ако се оди според планираното, в недела најдоцна до полноќ ќе стане премиер на т.н. „Пржинска влада“. Ковачевски кој, со мало задоцнување пристигна во зградата на Собранието кажа и што очекува од идниот, технички премиер.
Your browser doesn’t support HTML5
„ Јас дојдов со друго искуство во водење на корпорации, така што, веројатно стилот ќе биде различен, меѓутоа државата секако дека ќе го задржи својот стратешки правец, а тоа е западната ориентација, стратешкото партнерство во САД и техничката влада исто ќе се грижи за граѓаните бидејќи се уште сме во криза така како што ние тоа го правевме во изминатите две години. Малку задоцниве зашто со министрите имавме неформална средба на која што им се заблагодарив за напорната работа во овие изминати две години. Сите тие може да бидат горди за сето она што го направивме во изминатите две години – тешка економска криза и војна во Украина. Обезбедивме меѓународно етаблирање на земјата како фактор на стабилност на Балканот“, изјави премиерот во оставка, Димитар Ковачевски.
На утрешната собраниска седница ќе се констатира оставката на Ковачевски со што и целиот негов кабинет е во оставка. Утре треба биде избран и новиот претседател на Собранието – пратеникот на СДСМ Јован Митрески кој доаѓа на местото на Талат Џафери. Потоа, шефот на државата Пендаровски, по добиената информација за оставката на премиерот, на Џафери ќе му го додели мандатот за формирање влада. Мандатарот, најваројатно в сабота, до Собранието ќе ја достави програмата и предлог-членовите на новата влада која парламентот треба да ја изгласа до недела на полноќ.
Во неа ресорите за внатрешни работи и труд и социјала ќе ги водат кадри на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски. Опозициската партија ќе има дополнителни заменици-министри за финанси, за информтичко општество и за земјдоелство - Елена Петрова, Стефан Андоновски и Цветан Трипуновски.
Тоа што од понеделник, заедно со СДСМ и со ДУИ, ќе биде дел од „Пржинска влада“, не ја спречи ВМРО-ДПМНЕ денеска пак да ги повтори критиките за овие две партии.
„Денес Димитар Ковачевски си дава оставка, ова е почеток на крајот на СДС и ДУИ! Ковачевски е премиерот кој донесе само понижувања, криминал и корупција. Ковачевски е премиерот кој најмногу ја оддалечи Македонија од ЕУ, го забрза иселувањето и ја зголеми сиромаштијата. Заради Ковачевски, Македонија оваа година го доби најнегативниот Извештај од ЕК. А пораките од европските претставници за неподносливата корупција во Македонија не запираат да доаѓаат“, изјави Марија Митева, од ВМРО-ДПМНЕ.
Предизборието се смета за чувствителен период, особено во ситуација кога војната во Украина не стивнува, а регионот се уште е цел на влијание од Кремљ. Дали тоа може директно да се одрази врз ситуацијата во земјата која за неколку месеци оди на двојни избори, беше едно од прашањата што денеска беа упатени до американската амбасадорка.
„Не сум свесна за некое експлицитно и специфично влијание, како што кажавте. Јас сум уверена дека тоа е тука, бидејќи генерално го има во регионот, но мислам дека она што е најважно како што се движиме кон изборниот период е граѓаните на оваа земја да поставуваат прашања за кандидатите и да ги земат предвид нивните приоритети, кога ќе гласаат. Тоа за мене е најважно и секако да се едуцираат себе си за процесот и за кандидатите, без разлика кој би можел да се меша. Tоа е најважната алатка која ја имаат“, рече американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер.
Претстојните двојни избори – претседателски и парламентарни, кои ќе се спроведат во април и мај, според пресметките на ДИК, граѓаните ќе ги чинат околу 17 милиони евра.