СКОПЈЕ – Поранешниот генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, се уште е недостапен за македонските институции кои потврдуваат дека се наоѓа во странство како и дека не побарал отпуст од македонско државјанство и е носител на македонски пасош.
Истражните органи велат дека за Ковачевски имаат докази за несовесно работење, но не и дека бил дел од групата 23 осомничени лица. Тоа го потврди и шефот на обвинителството за организиран криминал Ислам Абази кој соопшти дека истрагата и собирањето на докази трае и не се исклучува можноста дека ќе добијат и други сознанија.
Според неофицијални информации Ковачевски се наоѓа во Австрија, државата легално ја напуштил кон крајот на август со патничко возило преку граничен премин и оттогаш се нема вратено назад во државата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера потврди дека тој е во странство и дека поседува македонски пасош.
За разлика од Васко Ковачевски, осуммина завршија во притвор, а меѓу нив се неговиот наследник во ЕСМ, Васко Стефанов, како и поранешните директори на РЕК Битола - Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино - Небојша Стојановиќ. Стефанов, Матевски, Стојановиќ и Данчо Стојановски директор за комерцијални работи во ЕСМ се осомничени дека ја создале криминалната група која ги испумпала парите од ЕСМ, околу 6,5 милиони евра.
Во рамките на досегашната истрага која ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, обезбедени се докази според кои според планираното осомничените како група обезбедил фирмата „Браинкоде“, која нема допирна точка со енергетиката, да добие тендер за набавка на адитиви за потребите на РЕК Битола и на РЕК Осломеј за сума од 6,5 милиони евра кои потоа речиси и воопшто да не биле искористени.