Ковачевски е подготвен да му ја отстапи премиерската функција на Мицкоски за поддршка за уставни измени

Димитар Ковачевски е подготвен да му ја отстапи премиерската позиција на Христијан Мицкоски во преодната влада во која се планира да учествува и ВМРО-ДПМНЕ, брифираат високи владини функционери. Но, истовремено, тоа ќе значи дека лидерот на опозицијата, ако се нафати да биде премиер, ќе треба да се потпише на предлогот на уставните измени кои владата ќе ги достави до Собранието. Ковачевски би му ја предал функцијата на Мицкоски иако смета дека тој треба да остане премиер во процесот на измени зашто тој ја презел одговорноста. Во овој пакет за одоброволување на ВМРО-ДПМНЕ останува и понудатата социјалдемократите да отстапат пет од своите десет министерски позиции,а можеби и повеќе зашто ДУИ потврди дека ги прифаќа барањата на опозицијата да не биде дел од таа влада, брифираа денеска владини претставници. Оставаат, како што велат, уште неколку денови за ВМРО-ДПМНЕ да делегира свои претставници во процесот на уставни измени, а потоа се најавуваат директни преговори со пратеници за нивна поддршка за промена на Уставот.

Набрзо по оваа понуда, стигна одговорот од опозицијата.

„ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. Ковачевски треба да знае дека функциите ниту му се во џеб, ниту тој е тој која дава или зема, тоа го прави само народот на избори“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Едно од клучните барања на партијата со која ја условува поддршката за вметнување на Бугарите во Уставот е тие измени да имаат одложено дејство – да стапат на сила при влезот на Македонија во ЕУ, нешто што Мицкоски ги испорача на лидерската средба со Ковачевски.

„Ако ги гледате изјавите по таа лидерска средба и едните и другите се во право. Во право е премиерот кога вели дека има промена на ставот кај лидерот на опозициската партија, кој претходно велеше дека не сака да гласа за Бугарите во уставот и дека не може да правиме уставни измени под бугарски диктат. Тој тврдеше дека овој состав на парламентот нема мандат од граѓаните за воопшто да влезе во процесот на уставни промени. Тоа е неспорно. Од Друга страна е во право опозицијата кога вели дека нејзините предуслови кои дополнително ги има испоставено на лидерската средба. Особено барањето за одложено дејство на уставните проемни, или тие да важат отако Македонија ќе стане членка на ЕУ. Тоа според мене е апсолутно надвор од реалноста, иако јас би сакал да биде така“, вели претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Оваа порака шефот на државата ја прати пред претседателката на Словенија, која е во официјална посета на земјава. Таа побара храброст и мудрост од домашните политички елити.

„Се надевам дека политичарите ќе сфатат колку е битно единството и размислувањето дека треба да се оди пет/шест чекори напред и да се сфати што е добро за македонскиот народ. Јас искрено се надевам дека ќе покажете доволно политичка мудрост и ќе го смените Уставот“, истакна претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар.

Очекувањата на владата се дека амандманите за уставни измени до крајот на јуни ќе влезат во собраниска процедура и за кои, како што засега стојат работите, ќе нема поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.