Конститутивна седница на Собранието на Северна Македонија - Африм Гаши избран за претседател

Your browser doesn’t support HTML5

Со денешното конституирање на Собранието почна да тече рокот од 10 дена во кои претседателката на државата треба да го довери мандатот за состав на новата влада на партиите кои имаат мнозинство во парламентот.

Се конституираше новото Собрание откако беа верификувани пратеничките мандати и по не многу долга, но остра расправа со 76 гласови „за“ за нов претседател на парламентот беше избран Африм Гаши, еден од лидерите на коалицијата „Вреди“.

„Убеден сум дека ако знаеме и сакаме имаме многу точки кои не обединуваат и ова е добра можност да соработуваме, а имаме малку работи кои не разделуваат и тоа е можност да се толерирарем и да го почитуваме правото на демократија“, изјави претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши.

Дека денешната конститутивна седница ќе помине во вжештена атмосфера се увиде уште на влегување во зградата на Собранието, откако и официјално беше потврдена информацијата дека Гаши е предложен за нов претседател на парламентот - зад него застанаа 75 пратеници вклучувајќи ги и ВМРО-ДПМНЕ и Знам на максим Димитриевски.

„Ние би дале поддршка од нашите шест пратеници да не биде Албанец претседател на Собранието. Еве, отворено го повикуваме Мицкоски, бланко поддршка на невидено само да не биде косовизиран повторно македонскиот парламент“, рече претседателот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев.

Одговорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ќе ја предводи идната влада, стигна брзо.

„Уф, треба ли да го коментираме Димитар Апасиев. Димитар Апасиев пред изборите имаше бланко понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство. Тој одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива, дали на Хургада или на некоја друга грчка плажа. И како што еден од неговите поранешни сопартијци вели дека тие биле група на џанаци, така продолжува и да се однесув“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Острата атмосфера од пред Собранието се пресели во пленарната сала каде, по верификацијата на пратеничките мандати, се дебатираше за изборот на Гаши за спикер. Темпото го наметна Левица напаѓајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека само предизборно „продавала“ патриотизам.

„Џабе се 58 пратеници, зашто партија со 2 пратеника ќе владее со ова Собрание. Ако нешто не му е по волја, ќе треба пуч да му правите зашто не ќе можете седница да закажете. Вие наводно ги браните Македонците од бинационалност, но вака вие ја формализирате бинационалноста“, вели Амар Мециновиќ од политичката партија Левица.

„Ова е ефтин политички театар од коалициски партнер на ДУИ, промашувате политички тези како прогнози за број на пратеници“, вели Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Со денешното конституирање на Собранието почна да тече рокот од 10 дена во кои претседателката на државата треба да го довери мандатот за состав на новата влада на партиите кои имаат мнозинство во парламентот. Мандатарот има 20 дена да ја поднесе програмата и составот на владата која ја избира Собранието.