Која е веројатноста да се умре од коронавирусот?

Различните проекции за смртноста на вирусот предизвикаа политички раздор во Соединетите Американски Држави.

Здравствените власти и епидемиолозите не можат да се согласат колку е смртоносна болеста Ковид-19. Проекциите за смртен исход се движат меѓу 1 и 3.4% од заразените.

Оваа разлика не е изненадувачка кога станува збор за нов вирус, велат виролозите и оние кои прават модели на болеста. Тие предупредуваат дека разликите меѓу државите можат да ги искриват предвидувањата – особено доколку здравствените системи се преплавени и попуштат под притисокот од пациенти на кои им треба болничко лекување.


Некои епидемиолози се загрижени дека тоа се случува сега во најзагрозените делови од Северна Италија. Смртноста во Италија се искачи на загрижувачки 5% во неделата откако Агенцијата за цивилна заштита објави вознемирувачки скок од 51% на смртните случаи со што вкупниот биланс на починати од коронавирусот се искачи на 366.

Скокот во смртни исходи во Италија ги надмина и најлошите проекции, како и вкупната стапка на смртност во другите погодени држави. Но, здравствените власти велат дека смртноста не е исклучително висока ако се земе предвид големиот процент на возрасна популација во земјата, речиси една четвртина од населението во Италија има над 65 години. Меѓу развиените држави само Јапонија има постаро население. Во Кина околу 9% од постарите од 80 години заразени со коронавирус починаа. Во Италија смртноста кај највозрасните е нешто над 8%.

До понеделникот италијанските здравствени власти имаа пријавено само два смртни исходи кај луѓе помлади од 63 години. Најголем дел од починатите биле во нивите 80-ти или 90-ти години, поголемиот дел биле со ослабен имунолошки систем и страдале од хронични болести како проблеми со бубрезите, со срцето или дијабетес.

Здравствените власти велат дека системот се држи но е под неверојатен притисок кој веројатно ќе се засили доколку драстичните мерки за спречување на ширењето на заразата кои ги најави Премиерот Џузепе Конте не почнат да даваат резултат.

Италија презема досега невидени чекори да се справи со пациентите на кои им е потребна хоспитализација. Ги враќа на работа пензионираните доктори и го забрзува процесот на дипломирање во медицинските училишта.


Во Ломбардија, најтешко погодениот регион, 10% од медицинскиот персонал не може да работи зашто е позитивен на вирусот и е во карантин.

Болниците во градовите Лоди и Кремона минатата недела беа толку преполни што мораа да ги затворат ургентните центри и да ги испратат пациентите на друго место.

Различните проекции за смртноста на вирусот предизвикаа политички раздор во Соединетите Американски Држави минатата недела кога Претседателот Доналд Трамп шпекулираше дека стапката ќе биде околу 1% што е спротивно на Светската Здравствена Организација која ја постави глобалната стапка на смртност на околу 3.4%.

„Мислам дека 3.4% е навистина лажен број. Сега, ова е само мое претчувство, но базирано на многу разговори со многу луѓе кои работат ова. Многумина ќе го добијат вирусот, но во блага форма. Тие ќе оздрават многу брго. Тие дури и нема да мора да одат на лекар. Тие дури и не се јавуваат на лекар“ рече Трамп во едно телевизиско интервју.

Мислам дека 3.4% е навистина лажен број.
Доналд Трамп


Британските медицински власти претпоставуваа дека стапката на смртност ќе биде околу 1%. Крис Вити, главниот медицински советник во земјата, минатата недела пред Парламентот изјави дека се охрабрувачки намалениот број на инфекции и намалената стапка на смртност во Кина.

Епидемиолозите и оние кои прават модели на болеста се согласни во едно – сите признаваат дека проекциите за стапката на смртност се ризични зашто постојат многу непознати. Се уште многу работи не се знаат за новиот вирус, а дополнителен предизвик се обидите прогнозите да се прилагодат на неоткриените и непријавените случаи. Тие велат дека подобрени протоколи за лекување и употреба на постоечки лекови кои би делувале на вирусот можат значително да ја променат ситуацијата.

Од особена важност е избегнувањето на нагло покачување на бројот на заразени – големиот прилив на пациенти на кои им треба болничка нега во исто време може да ги преплави здравствените системи и да предизвика недостаток од кревети и персонал. Крајниот резултат може да биде несоодветен третман што би резултирал со поголема смртност.