СКОПЈЕ – Рокот од шест месеци за отворање на Уставот и внесување на Бугарите кој коалицијата „Вреди“ го стави како услов за коалицирање во Владата повеќе не важи. Иако уставните измени и продолжување на преговорите со ЕУ беа приоритет во предизборието, сега тие може да почекаат а од „Вреди“ велат дека не станува збор за притисок од партнерот во Владата – ВМРО – ДПМНЕ туку поради политичката нестабилност во Бугарија и претстојните избори, седми во изминатите три години во соседната држава.
Your browser doesn’t support HTML5
„Имајќи предвид состојбата во република Бугарија сметам дека има простор во координација со меѓународниот фактор да се пролонгира рокот. Моментално имаме состојба во друга земја која од аспект на владеење на извршната власт не е стабилна. Не може да обвинуваме за нешто за кое втората странка битна во процесот нема стабилна Влада или нема човек со кого мое да се преговара на конкретната тема. Не зависи од Северна Македонија туку зависи од локални политики во соседната Бугарија“, изјави Фари Хисени, портпарол на коалицијата „ВРЕДИ“.
Од „Вреди“ не прецизираа дали се согласуваат со идејата на партнерот во Владата ВМРО – ДПМНЕ за уставни измени со одложено дејство.
Опозициската СДСМ денес побара од „Вреди“ да ги исполни дадените ветувања околу отворањето на Уставот и внесувањето на Бугарите во него.
„Сметаме дека сите партии треба да ги исполнат ветувањата дадени пред гласачите. Ако „Вреди“ им го вети ова на гласачите коишто дадоа доверба и со чијашто помош станаа дел од Владата тогаш очекувам да ги исполнат тие ветувања“, изјави Даниела Николова, пратеник СДСМ.
По инцидентот на скопскиот аеродром кој го предизвика сега веќе суспендираниот шеф на обезбедување на собранискиот спикер Африм Гаши, од коалицијата остануваат на ставот дека тој нема никаква одговорност во овој случај. Според „Вреди“ тој на барање на косовската претседателка Вјоса Османи го испратил својот шеф на обезбедување да види што се случува и тоа не било мешање ниту во надлежностите на МВР ниту во оние на аеродромот односно компанијата „ТАВ“. Како втор човек во државата тој имал право да го направи тој потег, потенцираат од „Вреди“.
„Не е со инцијатива или поттик да постапува противзаконито Гаши по барање на претседателка на соседна државата пратил шеф на негово обезбедување за да види што се случува. Обезбедувањето е пратено за да се види на што се однесува поплаката и има право како втор човек во државата да испрати негово обезбедување да види што се случува. Ниту води истрага ниту се кара со вработените. Мислам дека вториот човек во државата може да го направи тоа. Праќањето на обезбедување за чисто информативно да се знае што се случува во аеродромот и мешање во ингеренциите на аеродромот не е исто. Човекот е пратен да се информира што точно се случува“
Кога станува збор за интерпелацијата за Гаши која ја поднесе партијата „Левица“ според собранискиот деловник треба да се најде на следната седница на Собранието која треба да ја закаже токму спикерот Гаши. Она што е јасно е дека интерпелацијата би се разгледувала кон крајот на овој или почетокот на идниот месец бидејќи сега приоритет е ребалансот на Буџетот а и опозициските партии немаат усогласен став околу интерпелацијата.