По серијата разговори меѓу САД и Кина што ќе доведат до очекуваната посета на државниот секретар Антони Блинкен на Пекинг во наредните недели, експертите велат дека двајцата ривали треба да направат план како да избегнат конфликт.
Разговорите беа закочени од февруари поради осомничениот кинески шпионски балон кој леташе низ САД.
Двете земји се согласија на „отворени линии на комуникација“, се вели во соопштението објавено откако Ден Критенбринк, помошник државен секретар за Источна Азија и Пацификот, разговараше со своите кинески колеги во понеделникот.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, во вторникот изјави за новинарите дека двете земји разговарале „за подобрување на билатералните односи и управување со разликите“.
Разговорите уследија по очигледното тајно патување на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс во Пекинг во мај, кое за првпат беше објавено од Фајненшл тајмс на 2 јуни, и состанокот на советникот за национална безбедност Џејк Саливан со неговиот кинески колега Ванг Ји во Виена од 10 до 11 мај.
„САД и Кина се движат бавно и претпазливо во обновувањето на нормалните канали за дијалог меѓу нив со цел да можат да воспостават таканаречени „заштитни огради“ за да спречат билатералните односи да излезат од колосек и да доведат до конфронтација“, рече Еванс Ревер, кој служеше како вршител на должноста помошник секретар за Источна Азија и Пацификот за време на администрацијата на Џорџ В. Буш.
„Исклучително е важно Вашингтон и Пекинг да најдат начин да управуваат со билатералните односи на начин што ќе спречи недоразбирање, погрешна перцепција и стратешка конкуренција кои можат да доведат до конфликт“, изјави тој за Гласот на Америка преку електронска пошта.
Двата ривали кои се борат за глобална доминација се спротивставени околу низа прашања, при што секој гледа на барањата на другиот како обид да ги поткопа неговите национални интереси.
Вашингтон е гласен за кинеското непочитување на владеењето на правото, човековите права и практиките на фер трговија. САД особено се заинтересирани за одбрана на правото на премин во Тајванскиот теснец против растечката кинеска агресија.
„И Соединетите Држави и Кина се песимисти во врска со веројатноста да се постигне напредок на билатерален план, но сметаат дека е неопходно да се покаже дека се прави обид.