Ќе го задржи ли Грузија европскиот пат после изборите за кои ЕУ и САД бараат истрага за регуларноста?

Your browser doesn’t support HTML5

Официјални лица на САД и ЕУ бараат истрага за неодамнешните избори во Грузија кои резултираа со победа на про-руската партија Грузиски сон четврти мандат како владејачка партија во земјата. Но, поддршка за власта дојде од унгарскиот премиер Виктор Орбан. Известува Ани Чхиквадзе.

Додека грузиските граѓани излегоа на улиците на Тбилиси да протестираат поради, како што велат, фалсификуваните избори, унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна да и честита на грузиската владејачка партија „Грузиски сон“ за изборната победа.

„Му честитам на премиерот на изборната победа. Гледам дека никој не се осмелува да се сомнева дека овие избори беа слободен и демократски избор“, изјави Орбан.

Но, грузиската претседателка Саломе Зурабишивили ги поддржа оние кои ги нарекуваат резултатите „целосно фалсификувани“. САД и ЕУ изразија загриженост за нерегуларностите при гласањето и некои меѓународни набљудувачи бараат истрага.

Експертите велат дека не се изненадени од јавното изразување поддршка на Орбан за Грузискиот сон.

„Двајцата имаат тенденција да бидат авторитарни во начинот на кој се обидуваат да владеат. Не мислам дека е изненадување што тие се обидуваат да си ги зајакнат позициите“, смета Иракли Порхаѕидле од Институтот за стратешки студии во Грузија.

Кога Русија ја нападна Украина во 2022 година, Орбан беше критикуван од членките на ЕУ и НАТО за неговата решеност да остане пријателски со Русија - нешто што го направи и владејачката партија во Грузија.

„Тоа е само брак на интерес помеѓу двајца автократи. Едниот предничи и им дава на Иванишвили и неговата Партија на Грузискиот сон неколку лекции – како да го контролираат граѓанското општество, како да воспостават она што политиколози го нарекуваат конкурентен авторитаризам или изборен авторитаризам“, смета Ака Закруа, извршна директорка на „Реалполитик“.

„Најважната точка на поврзаност меѓу Грузискиот сон и Виктор Орбан е заедничката посветеност на пост-американска Европа и пост-американскиот свет. Партијата Грузиски сон, очигледно, е петтата руска колона во Грузија, а Виктор Орбан го прави истото за Унгарија“, додава Далибор Рохац, експерт од институтот „Ентерпрајз“.

Партијата Грузиски сон ги уверуваше гласачите дека е посветена на пристапување во ЕУ - но Брисел го стави процесот во мирување откако партијата донесе закон за спречување на странско влијание, многу сличен на законот за странски агенти во Русија, дизајниран да ја задуши слободата на говорот.

„Унгарија е веќе дел од безбедносен и политички чадор на НАТО и на Европската Унија. Значи, многу е поопасно за грузиското општество, со разни видови на анти-западни и анти-демократски тенденции, отколку за унгарското општество“, додава Закруа.

И Унгарија и Грузија доживеаја руска агресија – првата земја во 1956 година за време на советската акција, втората, во 2008 година, при што руските сили сè уште окупираат 20% од територијата на Грузија.

Политичките аналитичари велат дека Грузискиот сон манипулира со стравувањата дека Русија би можела да испрати војници назад во Грузија.

„Тие се обидуваат да ја искористат оваа траума од руската агресија во своја полза. Тоа е само политички вокабулар, не е ништо повеќе од тоа“, додава Закруа.

Опозициските лидери велат дека собираат докази дека гласањето било наместено, но не најавија дополнителни чекори.

Во меѓувреме, меѓународните партнери на Грузија ја повикуваат Владата во Тбилиси да ги истражи наводите.