Ќе донесат ли глобален економски пресврт можните остри трговски политики на Трамп?

Your browser doesn’t support HTML5

Земјите ширум светот се подготвуваат за економски пресврт бидејќи идниот американски претседател Доналд Трамп се заканува со огромни царини, особено за Кина. Несигурноста ги остави владите и бизнисите да се борат со тоа како да одговорат. Известува Бил Гало од Сеул, Јужна Кореја.

За време на неговиот прв мандат, Доналд Трамп воведе огромни царини за Кина, потресувајќи ја глобалната економија.

Пред неговото враќање, Трамп најави уште подрастични мерки, како 10% царина за целиот увоз во САД и неверојатни 60% за стоки и добра од Кина.

Иако Кина директно не ги коментираше заканите на Трамп, предупредија на дополнителни трговски тензии.

„Не одговараме на хипотетички прашања. Но, само да повторам дека нема победник во трговската војна, ниту пак светот ќе има корист од тоа“, рече Мао Нинг, портапролка на кинеското министерство за надворешни работи.

Какви било царини на Трамп би можеле особено да им наштетат на економиите кои зависат од извозот, но проширената трговска војна меѓу САД и Кина, исто така, може да создаде можности.

Многу земји имаа корист бидејќи за да се избегнат царините производството се оддалечи од Кина. Министерот за трговија на Тајланд неодамна за тајландскиот сервис на Гласот на Америка изјави дека неговата земја забележала прилив на американски компании кои ги преместуваат фабриките од Кина.

„Треба да можеме да го пребродиме ова. Всушност, овие проблеми ги гледам како придобивки за Тајланд. Верувам дека можеме да бидеме инвестициска дестинација за секоја земја“, рече Пичаи Нариптафан, Министер за трговија на Тајланд.

Сепак, тој пристап доаѓа со ризици. Многу земји кои заработија од трговија поради напуштање на Кина, сега во голема мера се потпираат на извозот во САД, што ги прави уште поранливи на секакви царини на Трамп или напори за сузбивање на пренасочените стоки.

Загриженоста се протега надвор од најголемите трговски партнери на САД. Во Африка, каде трговијата со САД е веќе ограничена, повисоките царини би можеле да го отежнат пристапот, рече еден аналитичар за Африка 54 на Гласот на Америка.

„Ако зборуваме за производство на производи, на пример ананас – доаѓањето до американскиот пазар ќе биде тешко. Затоа, не сум оптимист за трговијата на САД со Африка, ако зборуваме за зголемување на царините“, посочува Мелвин Фоте, основач на Одржливост за Африка.

Голем дел од неизвесноста произлегува од непредвидливоста на Трамп. За време на неговиот прв мандат, тој често ја користеше можноста за царини како алатка за договарање, пред на крајот да склучи индивидуални трговски договори, вели аналитичарот Џајант Менон.

„Трамп мислам дека не е протекционист. Тој прави договори. Тоа е она што тој сака да се претставува. Му се допаѓаат договорите за слободна трговија во кои има улога“, смета Менон.

Менон вели дека земјите кои се цел на Трамп би можеле да се залагаат за нови трговски договори, наместо за зголемување на царинските стапки кои би можеле да им наштетат на нив самите и на глобалната економија.

Не сите предлози на Трамп укажуваат на зголемен протекционизам. Тој, исто така, предложи да се повлечат субвенциите за електричните возила произведени во САД – субвенции поставени од администрацијата на Бајден.

„Тој веќе ги нарече глупави на подкастот со Џо Роган. Така што, тој веројатно ќе ги повлече. И тоа е позитивно во однос на нарушувањата што влијаат на глобалната економија“, посочува Менон.

И ризици и можности додека светот сфаќа како да одговори на враќањето на непредвидливиот претседател на САД.