Кинески бродови за надзор се движат за да ги следат најголемите воени вежби досега во кои учествуваат САД и Австралија. Официјални лица од одбраната очекуваат шпионските бродови со висока технологија да останат надвор од територијалните води на Австралија.
Во „Операцијата Талисман“ учествуваат 30 илјади воен персонал од повеќе од десетина земји, вклучително и војници од Канада, Германија, Јапонија и Велика Британија.
Австралија надгледува два кинески брода за набљудување. Еден од нив е стациониран во меѓународните води во близина на заливот Шоалвотер во државата Квинсленд, каде што внимателно ги следи вежбите.
Австралија оствари контакт со кинескиот брод, кој даде „љубезен одговор“ според висок австралиски воен офицер.
Професорот Џон Блаксленд, раководител на студиите за меѓународна безбедност и разузнавање на Австралискиот национален универзитет Корал Бел школа за азиско-пацифички прашања, верува дека следењето на воените игри станало рутина за Кина.
Тој за Гласот на Америка изјави дека ќе ги направи Австралија и нејзините сојузници повнимателни за каква било потенцијална закана во иднина.
“Кина е потенцијален противник. Кина бара да собира информации и дека со тоа планира да биде во позиција потенцијално да ги користи против нас. Тоа има многу отрезнувачки ефект врз воените практичари во армијата, морнарицата и воздухопловните сили на сите тие земји-учеснички. Така, да, тоа е отрезнувачки, да, веродостојно е дека може да се користи против нас и до одреден степен има за цел да заплаши. Но, тоа е во извесна смисла дел од здравата конкуренција, навистина”, рече Блаксленд.
Вежби се одржуваат во државите Квинсленд, Западна Австралија и Нов Јужен Велс, како и во Северната Територија.
„Операцијата Талисман“ започна пред една деценија. Овогодинешниот настан е најголем во однос на неговата географска област и бројот на земји кои учествуваат.
Вклучува амфибиски слетувања, маневри на копнените сили, воздушна борба и поморски операции.
Војници од Австралија, Соединетите Американски Држави, Јапонија и Јужна Кореја на 22 јули извршија заеднички демонстрации со жив оган во областа за обука на заливот Шоалвотер во Квинсленд за да ги започнат овогодинешните воени игри.
Секретарот на морнарицата на Соединетите Американски Држави, Карлос Дел Торо, во изјавата на 21 јули рече дека вежбата „ја зголемува нашата способност да работиме заедно во справувањето со предизвиците со кои може да се соочиме овде во Индо-пацифичкиот регион“.
Вежбите треба да траат до почетокот на август.