Амбициозните економски цели беа преставени за време на отворањето на работата на церемонијалниот Парламент на Кина. Тоа е шанса да се проектира самодоверба, во услови на мноштво предизвици.
Премиерот Ли Кианг објави цел за економски раст од околу 5 проценти - што одговара на минатогодишната бројка.
„Постигнувањето на овие цели оваа година не е лесна задача и бара фокусирани политики, удвојување на работата и заеднички напори од сите“, истакна Кианг.
Кинеските лидери го регистрираат најбавниот раст на земјата во последните децении, бидејќи се справуваат со кризата со недвижностите и забавувањето на странските инвестиции.
Но, на овој состанок, расположението е оптимистичко, бидејќи политичката елита на Кина ги поддржува плановите на Комунистичката партија.
Со децении, традиција е кинескиот премиер да одговара на прашања на медиумите на крајот од овој собир во Пекинг. Сега тој настан е откажан.
„Тоа беше можност за меѓународните медиуми да дознаат за визијата од самиот премиер. Многумина се шокирани од откажувањето на прес-конференцијата“, вели Лим Таи Веи од Националниот универзитет на Сингапур.
Како што ја консолидира моќта, кинескиот претседател Шји Џинпинг ја нагласи националната безбедност. Тоа ги загрижи некои странски компании.
Но, инвеститорите ќе бидат охрабрени ако Кина ја исполни целта за економски раст оваа година, вели Лим.
„Минатата година исто така имаа раст од пет проценти. Две години по ред, по пет проценти значи дека има одржливо закрепнување во споредба со 2022 година, кога растот беше 3 проценти. Ова е сликата што кинеската влада сака да ја прикаже во јавноста“, објаснува Лим.
Кина, исто така, најави дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана за околу 7 отсто - далеку над проекциите за економски раст.