Кина најави договор меѓу палестинските ривали Хамас и Фатах

  • VOA

Претседателот на Централниот комитет на палестинската организација и политичка партија Фатах, кинескиот министер за надворешни работи и висок член на Хамас, на настан во Пекинг, 23 јули 2024 година

Кинеските државни медиуми денес објавија дека ривалските палестински фракции Фатах и Хамас потпишале декларација за ставање крај на долгогодишниот раздор и обединување за формирање влада на национално единство.

Кинеската телевизиска мрежа „ЦГТН“ објави на социјалните мрежи дека договорот е потпишан во Пекинг по дводневниот форум надгледуван од министерот за надворешни работи Ванг Ји.

Разговорите вклучија 12 други помали палестински фракции заедно со двата главни ривала.

Кинеската државна телевизија „ЦЦТВ“ не даде повеќе детали за договорот.

Разговорите во Пекинг беа насочени кон создавање на можен патоказ за повоена Газа штом ќе се постигне прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, што ќе стави крај на деветмесечната војна во Газа.

Војната беше предизвикана од терористичкиот напад на 7 октомври врз јужен Израел од страна на борците на Хамас, кои убија 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници.

Израел одговори со немилосрдни воздушни и копнени напади во кои загинаа најмалку 38.500 луѓе, а повредени се повеќе од 88.800, според Министерството за здравство на Газа.

Фатах и Хамас се во несогласувања со децении околу нивниот однос кон Израел.

Фатах доминира со палестинската управа, која управува со делови од Западен Брег и има потпишано привремени мировни договори со Израел, додека Хамас одбива официјално да ја признае еврејската држава.

Во текот на изминатите 17 години, имаше напори од страна на Египет и другите арапски земји за помирување на Хамас и Фатах.

Останува да се види дали договорот постигнат во Пекинг ќе ја преживее реалноста на теренот.

Двете страни насилно се разделија кога борците на Хамас ги истераа силите на Фатах од Газа во 2007 година и ја презедоа контролата над крајбрежната енклава.

Договорот, исто така, го претставува растечкото влијание на Кина на Блискиот Исток, откако посредуваше во мировниот договор меѓу Саудиска Арабија и Иран.