Кина го зголемува влијанието меѓу Арапите под 30 години, покажа истражување

Сепак, 60 отсто од арапската младина која беше анкетирана, рекоа дека САД ќе бидат поважен сојузник на регионот од Кина во следните пет години (Фото: Од протестите на невработени демонстранти во Тунис, 22 јануари 2016 година)

Преку инвестиции во недвижен имот, инфраструктура и трговија на Блискиот Исток, Кина го зголемува своето влијание во регионот и меѓу младите Арапи помлади од 30 години, кои сочинуваат 60 отсто од нејзиното население.

Во истражување за младите Арапи на возраст од 18 до 24 години во регионот, комуникациската фирма BCW откри дека младите од 18 земји ги перцепираат Кина и Турција како водечки два сојузника на Блискиот Исток и Северна Африка.

„Кина всушност е на 80 проценти, што е највисоко во последните четири години, во споредба со САД со 72 проценти“,вели Сунил Џон, претседател на BCW за Блискиот Исток и Северна Африка.

Промената во перцепцијата делумно се должи на иницијативата „Појас и пат“ на Пекинг, која има за цел да создаде поврзаност и трговија со инвестирање во глобални инфраструктурни проекти, вели Џон.

„Речиси 28,5 проценти од инвестициите во иницијативата „Појас и пат“ се на пазарите МЕНА, Блискиот Исток и Северна Африка“.

Џон вели дека со ширењето на кинеската сопственост на недвижен имот, деловните интереси и туризмот, економското влијание на Кина во регионот ќе продолжи да расте.

„Кина на многу начини ги замени САД како главен трговски партнер. И тоа се случи уште во 2010 година“.

Но, не сите гледаат позитивно на Пекинг.

„Мислам дека тоа се главно само евтина работна сила и кампови за потење“, вели Салех Ахмед, студент на Универзитетот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

САД ја обвинуваат Кина за принудна работа, особено на Ујгурите и другите муслимански малцински групи, што Кина го негира.

Ахмед вели дека повеќе би сакал да живее во САД отколку во Кина ако му се даде избор, повторувајќи го она што другите арапски млади го кажале во истражувањето.

„САД имаат различности. Асимилираат Арапи, не-Арапи, Европејци и други од целиот свет“, рече Фалах ел-Саиди, судент на Универзитетот Калифа во ОАЕ.

Сепак, 60 отсто од арапската младина која беше анкетирана, рекоа дека САД ќе бидат поважен сојузник на регионот од Кина во следните пет години.

Додека многумина позитивно ја гледаат американската демократија, ставовите за военото присуство на САД на Блискиот Исток се поизмешани.

САД имаат повеќе од 30 илјади војници на Блискиот Исток, повеќето од нив во Кувајт и Бахреин.