Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун планира овој месец да отпатува во Русија за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговара за можноста за снабдување со оружје за војната во Украина, објави денес „Њујорк тајмс“, цитирајќи американски и извори од сојузниците.
Ким би отпатувал од Пјонгјанг, веројатно со оклопен воз, до Владивосток, на пацифичкиот брег на Русија, каде ќе се сретне со Путин, пишува весникот.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар.
Планираното патување ќе дојде додека Русија разговара за одржување заеднички воени вежби со Северна Кореја и откако рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се обиде во посета на Северна Кореја да го убеди Пјонгјанг да ѝ продаде артилериска муниција на Русија.
САД претходно предупредија дека Северна Кореја би можела да обезбеди повеќе оружје за Русија, чии сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, војна на која САД и нивните европски сојузници жестоко се противат, а која Москва ја нарекува „специјална воена операција“.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби на 30 август изјави дека САД се загрижени поради тоа што преговорите за оружје меѓу двете земји активно напредуваат.