СКОПЈЕ – Таткото Александар испратил порака со текст „Кажете само колку треба“ во вибер група на родители и експресно ја избришал но неколкумина ја виделе и успеале да ја зачуваат а два часа по грабнувањето се движел по истата рута како и киднаперите. Ова беше само дел од сведочењето на Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал во СВР Скопје на денешното рочиште на судскиот процес за двојното убиство на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
„Го прашавме како знаел во кој правец да се движи за да ја бара Вања и тој ни одговори дека гледал филмови каде секогаш киднаперот се движел кон најблиската граница. Потоа кажа дека се вратил бидејќи имало гужва“, рече сведокот Димовски.
Според Димовски, обвинетите во истрагата тврделе дека Палевски добивал информации од Александар.
„Чудно ги превидуваше настаните. Рече дека е киднапирана па убиена. Велимир и Боре кажаа дека таткото на Вања му кажал на Палчо дека девојчето ќе биде сама, кога ќе оди на школо. Зошто таткото е инволвиран не знаеа да кажат“ кажа Димовски и додаде дека Ѓорчевски бил сомнителен но обвинението го поднело Обвинителството.
Димовски потврди дека дека во телефонот на Зорица Ѓорчевска имало скриншот комуникацијата меѓу Вања и Александар во која тој и пишува убаво да се облече бидејќи ќе биде студено, нешто што и Зорица го кажа во својот исказ.
При вештачењето на „ситроенот“ на убиениот Жежовски биле најдени остатоци од телефонот на Вања марка „Ајфон 8“ кој обвинетиот Видевски го скршил со чекан.
Началникот Димовски кажа дека Вања Ѓорчевска преку интернет имала комуникација со виртуелен лик од Шведска кој на неговата слика имал симболи од терористичката организација „ИСИЛ“ но таа трага била погрешна и како што кажа попусто изгубиле два дена во истрагата.
Објаснувајќи како ги лоцирале обвинетите кажа дека преку системот „Сејф сити“ го лоцирале возилото „рено кангу“ во близина на Железничката станица а потоа патроли го забележале паркирано во двор од куѓа каде била сместена партијата „Десна“ на Палевски.
„Каде сте досега ве чекавме“ прашал обвинетиот Кешишов кога полицајците влегле внатре.
Судскиот процес продолжува на 13 ноември.