Екстремно студените води се нејзин живот и инспирација. Вака може да се опише она што го прави Бети Котовчевска од Ресен, позната уште и како Бетика, ледената Македонка. Таа неодамна го собори својот личен рекорд, капејќи се во вода чија што температура беше -34 степени, во Лапонија. За Глас на Америка вели дека чувството тешко може да се опише со зборови.
„Но ако би користела зборови би рекла екстремно, а во исто време и смирувачко. Како да влегувате во еден тотален хаос, а потоа добивате хармонија на целото ваше тело и дух. Најчесто не ги бројам минутите, мислам дека 3 минути беше рекордот стоејки во ладна вода. Ова го правам за моја лична сатисфакција пред се“, вели таа.
Капењето на ниски температури го прави од својата 20-та година, седум години по ред.
„Чувствувам потреба да го правам што е можно повеќе. Кога немам услови да бидам во природа, најчесто користам студен туш“.
А, се започнало, кога за прв пат отпатувала во Лапонија. По природа вели е патник. Сака да истражува нови култури, но нејзините патувања најчесто се од едукативен карактер.
„Моментално се наоѓам во Лапонија, каде што работам на проектот „За природата“. Се занимавам со различни активности секој ден, а по моја иницијатива успеавме да ископаме дупка во невозможното во скоро два метри снег и 50 сантими мраз. Успеав да едуцирам и да охрабрам, околу 15 луѓе од осум различни држави да пробаат да се капат во студени води, во најекстремната Лапонија“, вели таа.
Оваа млада девојка го следи делото на светски познатиот холандски атлетичар Вим Хоф, познат како Ледениот човек. За него вели дека е нејзиниот втор татко, кој и го променил животот со неговата филозофија на учење, откако претходно на 18 години ја прегазил автомобил и паднала во депресија. Но лекот го пронашла во капењето во студени води.
„Седум години Бети не знае што е болест, што е депресија, што е анксиозност. Претходно тие беа мојата реалност. Бев девојка која буквално си ја гореше кожата со екстремно топла вода. Бев девојка која што имунитетот и опаѓаше на секоја втора недела. Веќе тоа го нема и сум максимално горда на себе и на тебе Вим“, вели таа.
Објаснува дека за ова е потребно едукација, желба и инструктор кој ќе ве води низ целиот процес. Има бројни следбеници и на Инстаграм, каде луѓето ги охрабрува да го преземат најхрабриот чекор во нивните животи, капење со студен туш. Вели дека главен услов за успех е бавното дишење и смирување на адреналинот.
„Родена сум да кршам топола. Се надевам дека ќе направам една посилна и поздрава нација со мојата едукација. Ќе достигнам до секој човек, да се врати на себеси. Се надевам дека ќе сфатиме дека сите болести психички или физички можат да бидат излечени од природата, затоа што ние сме природата“, вели таа.
Бети по професија е нутриционист и поборник за водење на здрав живот.