Какви се македонските капацитети за евентуален прием и рехабилитација на украинските војници?

Your browser doesn’t support HTML5

Армијата располага со воено-медицински тим, кој е составен дел од баталјонот за медицинска поддршка, а кој веќе со успех ги реализирал своите обврски, како дел од мисиите во Авганистан и Босна и Херцеговина, додава полковникот во пензија, Благоја Марковски

Северна Македонија има како инфраструктурни капацитети, така и соодветен кадар за лекување и рехабилитација на украински војници, вели за Глас на Америка, поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.

Според него повредите кои се случуваат на воените полиња, најчесто се огнено-стрелни и се тесно поврзани со трауматологија, неврохирургијата, ортопедијата, а понатаму и со пластичната и реконструктивна хирургија.

„Во однос на потреба од хируршко лекување и рехабилитација после тоа, за што наши центри би биле центарот во Козле, болницата Свети Еразмо во Охрид, со огромен капацитет и за хируршко лекување и рехабилитација. Мислам дека најпрво треба да стане збор за каков тип на повреди и каков тип на пациенти би дошле во нашата земја, за што сум сигурен дека за одреден број може да се обезбеди и соодветно лекување“, вели Филипче.

Многу често вели тој има потреба од непосредна интервенција и операција, првично веднаш после повредата, а понатаму би можело да следуваат и други интервенции.

„Посебно болницата Свети Еразмо во Охрид, понатаму клиниката за ортопедија во Скопје, за пластична хирургија, за неврохирургија имаат огромно искуство во делот на тие струки“, додава Филипче.

Благоја Марковски, полковник во пензија и воено-политички аналитичар, вели дека армијата располага со воено-медицински тим, кој е составен дел од баталјонот за медицинска поддршка, а кој веќе со успех ги реализирал своите обврски, како дел од мисиите во Авганистан и Босна и Херцеговина.

„И од тој аспект мислам дека овој медицински тим е оспособен заедно со својот хируршки тим да пружа медицинска подршка и помош во разни ситуации предизвикани било од воени дејствија или било други непогоди и катастрофи“, вели Марковски.

Марковски вели дека само со здружени сили на одбрана и здравство може да се одговори на барањата.