Каква безбедносна иднина им претстои на Гренланд и на Арктикот?

  • Хенри Риџвел

Your browser doesn’t support HTML5

Геополитичките тензии во Арктичкиот регион растат. Русија вели дека внимателно ја следи ситуацијата со Гренланд, по одбивањето на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, да ги исклучи воените или економските мерки за преземање контрола на територијата од Данска. Известува Хенри Риџвел.

Гренланд е ставен во меѓународното внимание. Огромната арктичка територија е самоуправна, но ѝ припаѓа на Данска.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп одби да ја исклучи воената сила или економските мерки за да се побара контрола на територијата - неопходни, според неговите зборови, за заштита на слободниот свет.

Кремљ го даде овој одговор:

„Ние го следиме овој драматичен развој на ситуацијата. Арктичката зона е зона на нашите национални и стратешки интереси. Присутни сме во зоната на Арктикот и ќе продолжиме да бидеме таму”, изјави портапоролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Климатските промени отвораат нови бродски рути и пристап до вредни ресурси, вели Лиана Фикс од Советот за надворешни односи.

„Сè повеќе се претвора во милитаризирана зона, каде што не само арктичките соседи имаат пристап — тоа е руската позиција која првично ја претпоставија, но сега исто така соработуваат и со кинеските крајбрежни стражи. Арктичката зона сè повеќе станува зона на конкуренција и ривалство меѓу големите сили и САД се загрижени дека ја губат оваа игра”, вели Фикс.

Данска вели дека Гренланд не е на продажба – но е отворена за подлабока соработка со Соединетите Американски Држави.

„Гледам претседател кој е на пат кон Белата куќа, кој има зголемен фокус на Арктикот и можам да разберам зошто тоа го има. Тоа го имаме и од данска страна, а го имаме и во НАТО”, изјави данската министерка за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.

Други европски лидери ги отфрлија коментарите на Трамп.

„Не доаѓа предвид Европската унија да дозволи која било држава во светот, која и да е – почнувајќи од Русија - да ги дефинира нејзините суверени граници”, нагласи францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

„Принципот на неповредливост на границите се применува на секоја земја, без разлика дали е на исток или запад од нас”, беше категоричен германскиот канцелар Олаф Шолц.

Владата на Гренланд, во меѓувреме, се залага за референдум за целосна независност - и вели дека само нејзиниот народ ќе одлучува за иднината на Гренланд.