Вевчанци ги прават последните подготовки за одржување на неколку века стариот Вевчански карневал, за кој жителите на оваа мала општина во близината на Струга, живеат цела година. Иако маските се чуваат во тајност, се до главното дефиле на 13 јануари, дел од нив ги отворија вратите за екипата на Гласот на Америка. Ни покажаа како и во каква атмосфера ги изработуваат маските.
„Ние веќе два месеци се подготвуваме со маската. Годинава ќе сме мајмуни „Планетата на мајмуните“. Како што гледате овде имаме опрема, шиеме одело, имаме кафез. Идејата е од филмот „Планетата на мајмуните“. Дванаесет луѓе сме, цело друштво, како цела година што сме. Секоја година имаме различна маска, со нови идеи и едвај чекаме да дојди денот. Не е баш лесно, затоа се подготвуваме долго време“, вели Стефан Русески, учесник на карневалот во Вевчани.
Дури и местото каде што со месеци се подготвуваат е непознато за многумина во селото.
„Два- три месеци постојано сме тука, и се дружиме. Од деца сме заедно. Почнавме сами да правиме маски и десет групни маски досега имаме направено, тоа се десет години. Материјали за маските бараме постојано. Потребало ова, го бараме, купуваме. Користиме и стари работи“, рече Ангел Радиноски, учесник на карневалот во Вевчани.
На другата страна од селото, друга група пријатели, привршуваа со работите. Се надеваат дека ќе предизвикаат насмевки и воодушевување кај оние кои ќе дојдат да ги гледаат.
„Симболиката и смислата на маската е пагански елемент, бидејќи како што знаете, карневалот отсекогаш бил славење на некои стари елементи, пагански традиции и обичаи“, рече Наум Баткоски, учесник на карневалот во Вевчани.
Сметаат дека духот на самиот карневал може најдобро да се претстави преку вклопување на паганските елементи во маските.
„Сите материјали кои ги собираме се природни материјали и на еден начин и оддаваме благодарност на самата природа. Политичкиот хумор и сатира не се изоставени, меѓутоа на брат ми и на екипата тука кои се главни изработувачи на маската, отсекогаш главен елемент им бил почита кон традиционалните вредности и пагански елементи“, вели Баткоски.
„Веќе 15 години ја користам традиционалната музика на Вевчанскиот карневал и учестувам во него со традиционални музички инструменти, само зурли и тапани. Два дена и две ноќи не спиеме, се спремаме, како сега петнаесет дена за да се направи маска, за да ја одржиме традицијата во Вевчани, како што ја одржувале и нашите предци“, рече Милисав Даскалоски, учесник на карневалот во Вевчани.
Вевчанскиот карневал се претпоставува дека постои повеќе од 1 400 години, односно 14 века, колку што е старо и самото село.
„Автентичноста е зачувана со тоа што традиционалните маски, зетот и невестата, глупи август се секогаш присутни на секое издание на карневалот и жива музика со зурли и тапани, која е автентична вевчанска. Палењето на маските е еден понов обичај, кој е прифатен и се практикува педесетина години“, вели туризмологот Александра Велкоска.
А палењето на маските, кое се случува следниот ден на 14 јануари, точно напладне, сред село, ја симболизира победата на доброто над злото, односно влегувањето во Новата година без лоши мисли и зли духови. Тоа се верувања, кои векови наназад биле присутни кај локалната заедница.
Вевчанци секоја година на свој посебен начин ја искажуваат смислата за хумор и ги исмејуваат актуелните општествени и политички случувања изминатата година. Се одржува секоја година, во пресрет на православната Нова година, позната како Василица.