Од здравство до транспорт, од образование до забава – технологијата за вештачката интелигенција е место каде што иновациите не познаваат граници. Студентот Ристо Трајанов за Гласот на Америка на македонски јазик, објаснува за предизвиците и ризиците што ги носи користењето на вештачка интелигенција.
Your browser doesn’t support HTML5
Вештачката интелигенција е врвна технологија што ги преобликува индустриите ширум светот. Од здравство до финансии, влијанието на вештачката интелигенција е огромно.
Македонецот Ристо Трајанов е инженер на податоци. Во моментов преку Фулбрајт програмата е на магистерски студии на Универзитетот Рајс во Хјустон, Тексас. За Гласот на Америка вели дека вештачката интелигенција претставува закана за луѓето кои што ќе одбијат да ја користат оваа технологија.
„Денеска често вештачката интелигенција е синоним на новите големи јазични модели како ChatGPT. Секако дека оваа нова технологија ќе автоматизира многу процеси кои денеска се прават мануелно, но со тоа ќе се подобри економијата и ќе се отворат нови работни места кои што ќе ги надополнат овие останати кои што можеби ќе се изгубат. Но, јас верувам дека оваа технологија на долг рок ќе произведе многу повеќе работни позиции бидејќи ќе овозможи простор за нови иновации и нови проекти кои што ќе ја подобрат економијата“, вели Ристо Трајанов, студент на Универзитетот Рајс во Хјустон, Тексас.
Иако многумина веруваат дека вештачката интелигенција ќе ги замени програмерите, Трајнов смета дека е потребно многу време за таа да преставува реална закана во овој поглед.
„Некои луѓе сметаат дека оваа технологија ќе ја преземе работата на програмерите, меѓутоа јас сметам дека оваа технологија само ќе ги елиминира тие задачи што програмерите ги прават повеќе пати на денот, но не се суштински за главната цел на програмата. Обичните луѓе што се малку поотстранети од технологијата, можам да кажам дека на оваа технологија гледаат со мал страв бидејќи може да се смета дека размислува и се однесува како човечка интелигенција, но сметам дека сме многу далеку и има уште многу време да помине за да стигнеме до тој момент каде што вештачката интелигенција би претставувала (таква) закана“, рече Трајанов.
Вештачката интелигенција игра сѐ поважна улога во изборните процеси ширум светот. Освен за анализа на податоците за гласачите, таа се користи и за борба против дезинформации и обезбедување на изборната инфраструктура.
Трајанов вели дека низ годините технологијата се користела за да се добие предност на избори, но користењето на вештачката интелигенција денес влегува во неетички води.
„Има многу примери. Да земам пример од Индија каде пред 10 години Моди користеше холограм за да го емитува својот говор пред поголеми маси. Но, денеска гледаме неетичко користење на оваа технологија каде што се генерираат вештачки аудио и видео материјали. Конкретно, (тоа) се експлицитни слики или аудио или видео материјали од познати личности кои што претставуваат загрозување на тој имиџ што го има таа јавна личност или тој политичар. Исто така има многу случаи каде што лажно се генерираат некои видео материјали за да се направи конфузија за време на избори“, вели тој.
Поддржувачите тврдат дека вештачката интелигенција има потенцијал да го подобри животот на луѓето, да го поттикне економскиот раст и да се справи со некои од најитните предизвици во светот. Противниците, пак, бараат воздржување од употребата на вештачката интелигенција додека не се создаде соодветна регулатива што ќе елиминира злоупотреби.