Санкциите кои администрацијата на претходниот претседател на САД, Џо Бајден, непосредно пред самото заминување ги воведе врз руската нафтена индустрија, поради војната во Украина, барем засега нема сериозно да влијаат врз Северна Македонија, односно врз домашното снабдување со природен гас, вели експертот по енергетика, Константин Димитров.
„Ние си купуваме регуларно на берза на слободен пазар природен гас. Она што важи геополитички за сите потрошувачи важи и за нас и ние мора да купуваме од исти извори од каде купува Европската унија и Америка. Немаме можност да купиме директно од Русија, бидејќи било поевтино, мора да ја купиме преку посредници. Значи ќе купиме од Турција, а Турција ќе купи од Русија и ќе ни наплати провизија“, вели Димитров.
Your browser doesn’t support HTML5
Тој смета дека овие мерки индиректно се насочени како притисок и врз Србија, затоа што српската нафтена индустрија НИС, поради сопственичкиот удел на руски Газпром неодамна се најде на американската „црна листа“, поради т.н. секундарен ризик. Димитров, предупредува дека ваквата состојба сепак би можела да има влијание врз цените на енергенсите на пазарот.
Секое вознемирување или бранување на геополитичката состојба, веднаш ќе се одразува на цените на енергенсите и на течните гориваКонстантин Димитров, експерт за енергетика
„Тоа нема влијание врз безбедноста, но секое вознемирување или бранување на геополитичката состојба, веднаш ќе се одразува на цените на енергенсите и на течните горива, и на нафтата, па и на гасот. И електричната енергија од време навреме има притисок, како што беше пред некое време, кога имаше драматично неколкудневно зголемување на цената на електричната енергија“, вели Димитров.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека согласно податоците од годишниот извештај за 2023 година на РКЕ, трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, го вршеле увозот на нафтените деривати во земјава од 11 држави. Најмногу нафтени деривати биле увезени од соседните држави и тоа: Од Грција 87,74 отсто и Бугарија 7,44 отсто. Следуваат Албанија со 2,74 отсто, Србија 1,67 отсто, Франција 0,14 отсто, Романија 0,069 отсто и мал процент на увоз од други земји.
„Согласно овие податоци не се очекува влијание во однос на снабдувањето со нафтени деривати кај нас. Но, овие санкции влијаат врз берзанските цени, кои заедно со курсот на доларот се земаат во предвид при формирање на малопродажната цената на нафтените деривати“, велат од РКЕ.
И Димитров повикува на внимателност и будно следење на состојбата.
„Не смее никој да легне и да рече, да готово сум го решил проблемот. Има повеќе елементи кои влијаат. Не само санкциите. Тука е и војната во Украина, затоа што Украина сега презема некои драматични мерки против Европа под наводници, спречува да има дотур на нафта кон Европската заедница. Од тоа најмногу се погодени Словачка и Унгарија, делумно тоа се однесува и на Австрија. Ако Америка направи посебни санкции за Србија со нивната нафтена индустрија, ќе видиме како ќе се одвива тоа“, посочува Димитров.
Инаку пред десеттина дена, глобалните цени на нафтата достигнаа највисоко ниво, во последните неколку месеци. Цената на нафтата од типот Брент се искачи и на 81 долар за барел, а цената на американската нафта ВТИ (WTI) околу 78 долари. Трговците со нафта на светските берзи, изразија загриженост, дека најновите американски санкции, можат да предизвикаат нарушување на пазарот со деривати, односно да го намали снабдувањето.