Како работи американската Агенција за справување со вонредни состојби

Your browser doesn’t support HTML5

Како работи американската Агенција за справување со вонредни состојби. Кога големи катастрофи како урагани и поплави ги погодуваат САД, ФЕМА ги координира големите спасувачки напори што би ги преплавиле локалните власти. Известува Џесика Стоун.

Сезоната на урагани во 2024 година донесе уште една моќна бура на американскиот југоисток, принудувајќи милиони луѓе да избегаат од ураганот Милтон. Гласот на Америка разговараше со Аунг Мјат Ту пред бурата да дојде до копно.

„Слушнавме дека ураганот Милтон ќе го погоди регионот на заливот Тампа и бранот на бура може да достигне околу 4 метри. Така, жителите кои живеат во крајбрежните и ниските области немаат избор, освен да одат во засолниште или безбедно место“, вели Мјат Ту, жител на Тампа.

Жителите на мобилните домови се особено ранливи на силните ветрови и високите поплави што ги носат ураганите.

„Имавме вода во куќата со Хелен и тие велат дека ќе биде полошо. Многу е лошо“, објаснува Анџела Барбоса, жителка на Клирвотер.

„Ќе има поплави. Тоа се случи со последното невреме и невремето пред тоа и очекуваме уште повисоки води. Секој треба да го земе своето возило и да оди на безбедно. Ова место ќе биде уништено“, додава Јаталан Оршела, жител на Клинвотер.

Ако тоа се случи, Американците кои имале оштетување на нивните домови или автомобили може да добијат помош од Федералната агенција за управување со вонредни состојби за да платат за поправки.

Агенцијата ги координира напорите за одговор со сите нивоа на власт, како и со приватниот сектор. Но, прво, претседателот мора да прогласи национална вонредна состојба, која ослободува дополнителни средства за да им помогне на локалните власти да реагираат.

„Му дадов наредба на овој тим да направи се` што може за да спаси животи и заедници, да им помогне на нашите заедници пред, за време и по овие екстремни временски настани. И тоа се прави“, изјави претседателот Џо Бајден.

Федералната агенција за управување со вонредни состојби, исто така, ги информира погодените дека мора да бараат засолниште или да се евакуираат. По завршувањето на бурата, жртвите можат да аплицираат до агенцијата за помош за индивидуално домување, но само ако се неосигурени или недоволно осигурани.

Веб-страницата на агенцијата вели дека програмата нема да ја компензира целата штета, но може да ги надополни трошоците за привремено сместување, поправки на домови и заштита на куќите од идни бури.

„Федералната агенција за управување со вонредни состојби може да обезбеди помош за поединци, а тоа може да биде во форма на брза инфузија на готовина за трошоци поврзани со катастрофи, како што се медицински или стоматолошки сметки и домување. И згора на тоа, агенцијата им помага на државните и локалните власти да ја обноват својата јавна инфраструктура“, вели Џејсон Барноски од корпорацијата RAND.

Експертот за одговор при катастрофи Џејсон Барноски вели дека Федералната агенција за управување со вонредни состојби многу се променила по бавниот одговор на ураганот Катрина во 2005 година.

„Тоа ја охрабри агенцијата да размислува за подготвеноста, да не биде толку импулсивна, туку да им помогне на заедниците да се подготват пред нешто да се случи“, додава Баронски.

Жителот на Сарасота Тун Вин, го направи токму тоа, поставувајќи заштита од урагани, за следната бура да не направи толку голема штета во неговиот дом.

„Ако дрвјата или остатоците ја погодат вратата, стаклената врата ќе биде заштитена. Имам инсталирано ролетни и на задната врата“, вели Вин.

Со временска прогноза за поголемо невреме низ САД поради промената на климата, експертите велат дека потребата од Федералната агенција за управување со вонредни состојби се очекува само да се зголеми.