Предлогот на лидерот на бугарската партија Преродба, Костадин Костадинов, која важи за ултранационалистичка и крајно десничарска за припојување на Северна Македонија кон Бугарија не е прифатлив, вели за Глас на Америка, поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев.
„Мислам дека не е прифатливо ниту за бугарското општество, ниту за бугарската политичка елита. Тоа се изјави кои не допринесуваат за подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија, и од тука сметам дека тоа е еден екстремен чин на изразување на некакви желби, кои немаат никаков основ“, рече Ѓорчев.
Your browser doesn’t support HTML5
Костадинов, подржувајќи ги изјавите на новиот американски претседател Трамп за припојување на Канада и Панамскиот канал кон САД, предлага покрај Северна Македонија и украинската област Јужна Бесарабија, која бил дел од бугарската држава повеќе од 450 години, да стане дел од Бугарија.
„Затоа нема ништо пологично од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и обични луѓе да станат една земја.
Украина се распаѓа и на идниот мировен конгрес кој ќе одлучува за судбината на неуспешната т.н. украинска државност, Бугарија мора да ги потврди своите претензии кон бугарска Бесарабија“, напиша Костадинов на својот профил на Фејсбук.
Историчарот од Бугарија, Стефан Дечев вели дека ваквите предлози не се реални.
„Тоа не доаѓа предвид. Надвор е од признавањето на Македонија во 1992, надвор е од декларацијата за добрососедство од 1999 година, надвор е од договорот од 2017, а надвор е и од Францускиот предлог во 2022 година. Нема смисла да се губи време со Костадинов“, рече Дечев.
На ваквите ставови, засега нема реакција од официјалните бугарски власти.
„Мислам дека е јасно оти бугарската политика нема да се произнесе по овие изјави, затоа што јасно е дека тие во оваа ситуација не можат ништо да кажат, освен да премолчуваат вакви настапи на Костадинов, кој е познат по своите изјави и во парламентот и во јавноста во Бугарија. Очигледно е дека таму со ова што се случува, со не изборот седум пати на политичка Влада, има тешка политичка криза, и затоа во овој момент не очекувам дека некој ќе смогне сили да даде толкување на неговите изјави“, вели Ѓорчев.
Ваквите настапи не придонесуваат за подобрување на односите меѓу Скопје и Софија додава Ѓорчев.
„Најмалку затоа што се работи за ултра десна партија, која постојано расте во последните неколку години и ги замени, Симеонов, Каракачанов и сега таа е клучна ултра десна партија, која ги изразува јасните претензии не само кон Македонија, туку и кон сите соседи на Бугарија, кои имаат одредени нерешени историски прашања. Но мислам дека тоа не е цел на бугарската политика, која е членка на ЕУ и НАТО“, вели тој.
Тој очекува прогресивните бугарски сили при формирањето на политичка Влада, да ги испеглаат овие недоследности на бугарската надворешна политика.
Од македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија ја осудуваат објавата на Костадинов, кој е актуелен пратеник во Народното собрание на Бугарија, со која велат се изразуваат јасни територијални претензии кон земјата.
„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава, и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење на добри меѓусоседски односи“, стои во соопштението на Министерство за надворешни работи.
Очекуваат ваквата изјава од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна и надвор од европските стандарди.