Израелските власти сè поблиску до забрани за странски медиуми што ги сметаат за непријателски

Your browser doesn’t support HTML5

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ќе ги затвори операциите на Ал Џезира во Израел, според новиот закон што дозволува затворање на странски мрежи кои се сметаат за закана за националната безбедност. Од Ерусалим известува Линда Градстин.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху на X напиша дека има намера веднаш да дејствува во согласност со нов закон за затворање на, како што рече, „терористичкиот канал“ Ал Џезира во Израел.
Тој рече дека Ал Џезира дејствувала против израелската безбедност, активно учествувала во масакрот на Хамас на 7 октомври, и поттикнала насилство врз израелските војници. Израелскиот парламент, Кнесетот, го усвои законот со 71 наспроти 10 гласови.

„Најавувам дека предлог-законот за спречување на странските радиодифузери да ѝ наштетат на безбедноста на државата, привремена наредба до 2024 година, е прифатена во второ и трето читање и ќе биде внесена во законската книга“, изјави Ерез Малул, Заменик-спикер на Кнесетот.

Ал Џезира го осуди тврдењето на Нетанјаху како „опасна смешна лага“. И мрежата рече дека го смета Нетанјаху одговорен за безбедноста на нејзиниот персонал и канцеларии.
Мрежата - која има повеќе од 430 милиони гледачи ширум светот - рече дека ќе го продолжи, како што го опиша, смелото и професионално покривање.

Израелските медиумски аналитичари велат дека веруваат оти новиот закон е оправдан.

„Луѓето ширум светот не сфаќаат дека Ал Џезира е државен медиум на Катар и дека промовира многу непријателска агенда кон Израел. Имаше многу неточни извештаи во текот на војната и тие сакаа да спречат понатамошна штета“, вели Гил Хофман, аналитичар.

Но, Хофман додава дека влијанието на забраната може да биде симболично за владата на Нетанјаху, која се соочува со жестоки протести и надвор и внатре во Израел.

„Има ограничување од 45 дена. И иако може да се обнови, треба да се користи само за време на војна, а Израелците се надеваат дека војната ќе заврши наскоро. Очекувам ова да биде нешто што еднаш ќе се искористи со голема помпа. Ал Џезира ќе продолжи да емитува оттука“, додава Хофман.

Еве што кажа администрацијата на САД:

„Ваков потег е загрижувачки. Ние веруваме во слободата на печатот. Тоа е критично важно. САД ја поддржуваат критично важната работа на новинарите ширум светот, а тоа ги вклучува и оние кои известуваат за конфликтот во Газа“, изјави Карин Жан-Пјер, портпаролка на Белата куќа.

Новиот закон доаѓа додека Катар се обидува да постигне договор за ослободување на десетици израелски заложници во замена за привремен прекин на огнот.
Некои аналитичари велат дека новиот закон може да ги искомплицира тие напори.