Кедумим е заедница во северниот дел на Западен Брег, изградена во средината на 1970-тите. Даниела Вајс, жесток лидер на доселеници, како и нејзините деца, биле едни од првите еврејски семејства што се населиле овде, живеејќи во шатори без вода.
Денес, таа се надева дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе прифати целосен суверенитет и анексија на населбите на Западен Брег, без одредби за палестинска држава.
„Претседателот на САД вели: Ќе ви дадам подарок. Ќе ви дадам суверенитет, но ќе треба да оставите нешто настрана. Не, сето тоа е наше. Способност да кажеме дека сето тоа е наше, затоа што тоа е божјо ветување за Авраам“, вели Вајс.
Тука живее и израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич. Тој предвидел дека во 2025 година, Израел ќе го анектира она што е познато како Област Ц, 60 отсто од Западен Брег што ги содржи еврејските населби и е дом на повеќе од 500.000 доселеници.
Два и пол милиони Палестинци живеат главно во областите А и Б на Западен Брег, кои се под делумна или целосна контрола на палестинската управа.
Израелската анексија на спорната територија беше карактеристика на политиката за Блиски Исток на првата администрација на Трамп, која ја призна израелската контрола над Голанската висорамнина.
Амбасадорот назначен од Трамп за Израел, Мајк Хакаби, долго време е цврст поборник за еврејските населби на Западен Брег.
Како и израелските доселеници, тој ги нарекува териториите со нивното библиско име Јудеја и Самарија.
„Ги признавам Јудеја и Самарија како дел од Израел. И верувам дека е најважно да сфатиме дека во Јудеја и Самарија живеат повеќе Евреи отколку што повеќето луѓе sфаќаат, и дека тие бројки се значајни. Тоа е важен дел за безбедноста на Израел“, вели Хакаби.
Некои аналитичари, вклучително и оние кои живеат на Западен Брег, велат дека Израел треба да биде внимателен за еднострано припојување на териториите.
„Ако навистина го мислите тоа, а јас го мислам, суверенитетот е една од работите што може да го направи Израел навистина безбеден и да ја обезбеди неговата иднина, треба да го направите тоа мудро и мора да го направите тоа заедно со американската администрација“, смета Ходаја Кариш-Хазони од Макор Ришон.
Други доселеници се загрижени дека одлуката за анексија на дел од Западен Брег може да предизвика дополнителни немири.
„Јас лично ја поддржувам анексијата, но едноставно не сакам таа повторно да го разедини општеството. Овде веќе има силно движење за населување. Но, левицата е против тоа. Поделбата меѓу нас не` прави послаби“, додава Ханан Мозес од Колеџот „Херцог“.
Некои лидери на доселеници, вклучувајќи ја и Даниела Вајс, сакаат да одат уште подалеку од анексија на Западен Брег. Тие велат дека веќе се подготвуваат за обнова на еврејските населби во појасот Газа кои беа евакуирани во 2005 година.